Промоција на списанието „Големото стакло“ (The large glass) ќе се одржи денеска во Музејот на современа уметност – Скопје. Настанот, воедно, ќе го означи и почетокот на новата програмска сезона на музејот што се одвива под мотото #ОтворенМузеј, #МузејЗаСите.
Од МСУ информираат дека списанието е конципирано во тематски целини што ги адресираат ангажираните уметнички практики и нивната поврзаност со политичката имагинација, како и визуелните методологии што уметниците ги користат.
Списанието содржи ексклузивно интервју со еден од најпознатите современи уметници и дисиденти Аи Вејвеј, потоа извештаи придружени со фотографии и анимации на колективот „Форензичка архитектура“, колектив кој беше номиниран за наградата Тарнер во 2018 година, текст и интервју со Грант Кестер, еминентен професор по историја на уметноста на Универзитетот Калифорнија, како и други содржини кои би можеле да бидат од интерес за пошироката јавност.
Директорката на Музејот на современата уметност, Мира Гаќина најавува возбудлива сезона нагласувајќи дека главното мото ги одразува вредностите на МСУ што подразбираат вклучување на граѓаните во работата на музејот без оглед на нивните економски, социјални и културни разлики.
Списанието Големото стакло, како што известуваат од МСУ, прв пат е издадено во 1995 година и публикувано во 24 броеви до 2009 година. Неговото повторно издавање како ново списание е на крајот на 2018 година.
– Повторното издавање на списанието во 2018, сега „Тhe Large Glass“, со нов концепт, како списание за современа уметност култура и теорија, означува нов почеток. Издавањето на англиски јазик овозможува Музејот на современата уметност да соработува интензивно со меѓународни автори, како и други културни, уметнички и академски центри и институции, вели Тихомир Топузовски, новиот главен уредник на списанието.