Емотивната приказна за Скопје и скопјани, раскажана низ четири годишни времиња, а склопена во филмот насловен „Тајните архиви на Скопје“, премиерно ќе биде прикажана на 13 овој месец во Кинотека на Македонија. Овој филмски производ за првпат ќе ни покаже архивски снимки од главниот град кои досега не биле објавени.
Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија. Дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот е на Дарко Ристовски.
Идејата со овој филмски производ била да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата, туку тие да се прикажат во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти – граѓаните на Скопје.
– Со овој проект на „Вардар филм“ целта е да се зачува и афирмира материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8мм и супер 8мм) од домашната архива на скопјани се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи. Архивските снимки од Скопје, кои досега не биле видени, ќе отклучат еден нов лик на градот што со децении бил скриен и заборавен во домашните семејни колекции. Тој во себе ги чува тајните на овој град и неговиот развиток во текот на децениите – информираат во „Вардар филм“.
„Тајните архиви на Скопје“ е проект поддржан од град Скопје и е реализиран во соработка со Кинотека Македонија.
А.П.