МТФ „Војдан Чернодрински“ полека влегува во својата завршница. Останува да се одиграат уште неколку претстави во официјална конкуренција. Денеска напладне на фестивалот беше промовирана книгата „Горан во Драмски“ чиј приредувач е Александра Бошковска, а издавач Драмски театар.

Приредувачот Бошковска посочи дека во книгата се собрани документи што денес сведочат дека претставите се играле на сцената на Драмски.

– Горан Стефановски е без сомневање најпознатиот и најпоставуваниот македонски драмски автор. Напишал над 30 драмски текстови, сценски либрета и едночинки од кои само една (Хаг) досега не е поставувана. Оваа книга низ сеќавања, фотографии, запишани импресии е миризлив и подреден ковчег полн богатства што на театарските сладокусци на денешницата ќе им овозможи едно насочено патување во театарското минато, а на театарските професионалци цврста појдовна точка за нивно детално допроучување – рече Бошковска.

Театрологот Александар Милосављевиќ истакна дека книгата „Горан во Драмски“ е значајна за идните генерации, кои ќе имаат слух за театарот и да знаат што современиците работеле.

Вечерва на фестивалот од 18 часот на сцената од ЦК „Марко Цепенков“ настапува Турскиот театар со „Славната Флоренс“ во режија на Драгана М.Попова, а од 21 часот на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“, Охридскиот театар ќе ја изведе „Крик за љубов“, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Ка.М.