Нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески настапува на фестивалот „Музика мунди“, покрај Брисел, во Белгија, заедно со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на сите времиња. На програмата се камерни дела од Моцарт, Франк, Прокофјев и Равел.
– Нашето пријателство датира веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од „Еми класикс“, Џон Фрејзер, ни зборуваше на двајцата посебно дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, на наша лична иницијатива, спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек што има создадено историја на многу млади години и остава длабока неизбришлива трага во историјата на интерпретативната уметност. Многу се радувам – вели Трпчески, додавајќи дека во наредната концертна сезона оваа соработка се очекува да продолжи буквално на најпрестижните светски концертни сцени.
Рускиот виолинист Максим Венгеров, според музичките критичари, е еден од најдинамичните изведувачи во светот, добитник е на наградата „греми“ и настапувал заедно со најпрестижните оркестри и диригенти во светот. Исто така, тој има одржано и соло-рецитали речиси во сите поголеми градови низ светот. Роден во 1974-та, својата кариера ја започнал како соло-виолинист на петгодишна возраст, победил на меѓународните натпревари „Виењавски“ и „Карл Флеш“ на 10 и на 15-годишна возраст, студирал со Галина Турчанинова и Захар Брон.
Го остварил својот прв запис на 10 години и продолжил да снима за еминентни музички куќи. Во 2007-та продолжил по стапките на својот ментор Мстислав Ростопович и му се посветил на диригирањето и оттогаш диригира со позначајните оркестри низ светот. Во 2010 година беше назначен за диригент на „Гштад фестивалскиот оркестар“, а во јуни 2014 специјализирал на московскиот институт „Иполитов-Иванов“, во класата на професорот Јури Симонов.
Комбинирајќи ги двете пасии, изведување и диригирање, Венгеров влегува како постојан артист во Оксфордскиот оркестар, со кој ги снимил верзијата од 1903 на Виолинскиот концерт на Сибелиус, Виолинскиот концерт на Брамс и Шкотска симфонија на Менделсон. Венгеров е првиот уметник во класичната музика што е назначен за интернационален амбасадор на добрата волја од УНИЦЕФ. Свири на виолина „страдивари“ што му припаѓала на Кројцер (1727).