Годинашната награда за современа скулптура „Академик Боро Митриќески“ отиде во рацете на авторката Гордана Хаџи-Николова Малашев, за делото „Сѐ уште жив“. Изложбата насловена „Современа скулптура“, која беше отворена во галеријата на Младинскиот културен центар, беше во реализација на Филип Фидановски, со помош на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, МКЦ и фамилијата Митриќески. Изложбата на која се изложени 30 дела од 24 современи автори ќе биде отворена за јавноста до 20 април. Поставката ја отвори Роберт Алаѓозовски, национален координатор за култура во Владата на Република Северна Македонија.
– Уметничката скулптура во нашата држава се карактеризира со традиционален пристап, но со модерен и современ израз, реализирани како отворени форми, затворени, перфорирани од камен, дрво, глина, метал и други материјали. Вајарското дело или скулптурата како дел од вајарскиот израз во себе содржи форма, текстура, линија и ги обединува другите ликовни елементи како еден специфичен тридимензионален израз, кој кореспондира со просторот – беше кажано на отворањето.
Изложбата „Современа скулптура“ по подолг период се реобновува како изложба во рамките на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Во минатото се реализирани изложби насловени „Современа македонска скулптура – ситна пластика“, а денес нивниот наслов е „Современа скулптура – ДЛУМ“. Возобновувајќи ја, организаторите потсетуваат на оние вајари што имаат оставено огромна трага во ликовната уметност на нашето поднебје, како Димо Тодоровски, Јордан Грабул, Петар Хаџи Бошков, Томе Серафимовски и Боро Митриќески. Покрај Гордана Хаџи-Николова Малашев на изложбата учествуваат и: Александар Ефтимовски, Александар Ивановски Карадаре, Ана Димевска Семенпеева, Анѓел Димовски-Чауш, Ангел Коруновски, Андреј Митевски, Ангел Нацевски, Васил Василев…