Многу е важно на каков уметнички начин ќе ги претставите ликот и делото на македонските титани, а тоа да изгледа и современо и достојно на нив, вели Александар Џинго, еден од авторите на муралите на Стале Попов и на Блаже Конески
Академските ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго оставија автентичен печат и впечатлив украс за Прилеп преку муралите со ликот на нашите истакнати дејци Стале Попов и Блаже Конески. Александар Џинго вели дека муралите имаат важна естетската функција на уметноста што го украсува екстериерот на одреден дел во еден град.
– Пораката што ја носат овие мурали е моќна само ако го привлече вниманието кај публиката, таа е потсетување особено за младите да учат, читаат и да се описменуваат според заложбите и делата на Блаже Конески и Стале Попов, кои ја отсликуваат исконската традиција на овој народ. Муралот е уметничко дело што се изведува на надворешен ѕид, ѕидна слика што е од привремен карактер, независно од квалитетот на ѕидот, малтерот, квалитетот на бојата. Слојот на боја што е нанесувана на ѕидот и квалитетот на ликовното решение особено се чувствителни кога станува збор за вакви македонски дејци, кои ја карактеризираат историјата и културата во некој одреден временски период, а пиететот спрема нив трае и се пренесува за наредните поколенија. Многу е важно на каков уметнички начин ќе ги претставите ликот и делото на македонските титани, а тоа да дејствува и современо и достојно на нив – вели Џинго.
Првичниот момент за создавање на овие два мурала почнал со скица, во која се
иницира симболична приказна посветена на самите дејци.
– Скицата е идејно ликовно решение што се пренесува на одреден ѕид со помош на проектор, за да се запази идентичното пропорционално пренесување на сликата. Всушност, за нас е важно само пренесувањето на цртежот, односно контурните линии, а потоа сликањето (обојувањето) остава извесен креативен момент што го налага самиот процес на работа – дополнува Алексндар.
На муралите работеле пет-шест деца, а најголема тешкотија при изведбата им била висината.
– Не е сеедно колкава е висината на ѕидот, кога треба да се сконцентрирате на создавањето на една слика на ѕид. И друго најмакотрпно нешто е нанесувањето на основата, поточно на грундот врз ѕидот. Потоа доаѓа најинтересниот дел од работата – споделува Џинго.
И Ферди Булут вели дека најтешкиот дел од создавањето на муралите била висината, но и временските услови.
– Работевме до ноќни часови и бевме задолжени сами да ракуваме и да манипулираме со машината кран – вели Булут.
Проектот „Уличната уметност, можност за реактуализација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци – поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов“ е во организација на филмската продукција „Дрим фактори“ од Скопје и Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, а финансиски е поддржан од Владата, по повод 30 години од државноста.
– Нашата порака е кога се изведуваат мурали од ваков тип, посветени на дејци од македонската историја и култура, да се изведат апсолутно со еден современ пристап, од ликовен аспект. Од голема важност е публиката да има пристап до ваквиот тип уметност. Важноста на овој проект е можноста да се изнесе уметноста од галериите и од музеите – вели Булут.
Според него, во градовите има простор за повеќе вакви обоени ѕидови и со нив би се дополнил ефектот на архитектурата.
Уличната уметност е сѐ поприсутна околу нас, не само поради фактот дека крајниот производ претставува зачудувачка форма на уметнички израз, туку тоа е патување што се случува на улиците каде што создавал уметникот. Уметничките дела што се појавуваат на ѕидовите низ повеќе градови во светот достигнаа највисок врв на интерес и постигнаа автентичност и обележје на многу градови. Уличната уметност сега живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси, а неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на современоста – велат од ЦСЛУ.
Уличната уметност е одличен начин да се промовира една урбана средина, еден модерен град, но исто така одлична можност да му се даде и нота на препознатливост и уникатност на самиот град, како и да се презентираат и реактуализираат познати и признаени дејци од нашата историја.
– Едно дело улична уметност може да го трансформира предметот на кој се појавува, но може да ја трансформира и целата локална заедница во која престојува. Ова е уникатен начин да се одбележи и главната цел, односно 30 години независност на нашата држава. Еден од начините за реактуализација на наши познати дејци од разни области е токму и уличната уметност, нов начин на културно изразување и консумирање на културниот производ, кој повторно ќе ги актуализира и направи атрактивни и, секако, разбирливи и достапни за новите генерации нашите големи истакнати имиња – велат од ЦСЛУ.