Презентација на продукцијата „’Ртулци“, мултимедијален перформанс, ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во домот за културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Дваесет и три млади танчари, кореографи, костимографи, композитори, визуелни уметници ќе го претстават своето прво заедничко дело изродено од програмата „Инкубатор“. „‘Ртулци“ е првата продукција на оваа културна програма, создадена и во изведба на младите уметници што беа дел од првиот отворен повик на „Инкубатор“, а поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Во „‘Ртулци“ учествуваа десетмина современи танчари: Даниел Коцев, Марина Гоцевска, Антонија Димитриевска, Арта Ќаили, Елена Иванова, Бојана Самарџиска, Стела Поповска, Исидора Краљевска, Фросина Шуман и Лазар Соколов; тројца кореографи – Андријана Андреева, Даниел Коцев и Лазар Мојсов; шест млади композитори: Борко Биџовски, Столе Тришански, Филип Динев, Мартин Треневски, Бојан Филиповски и Јован Јовановски, како и четворица визуелни уметници, двајца за сценско обликување – Љупчо Спасески и Филип Цакоски, а и две млади костимографки – Катерина Димитровска и Љубица Беќарова. Учесниците доаѓаат од повеќе градови од земјава: Скопје, Куманово, Велес, Прилеп, Кавадарци, Кочани, Струмица и Гевгелија.
Целта на „Инкубатор“ е да ги интегрира младите уметници во современата уметничка сцена преку професионално менторство и поддршка, што на долг рок ќе придонесе за збогатување и дополнително афирмирање на младинската современа уметничка сцена во Македонија, но и надвор од нејзините граници.
„‘Ртулци“ ќе учествува во повеќе градови во земјава, за што поголема публика да ја види работата на младите уметници.
Во Кавадарци вечерва ќе биде изведена кореографијата „Облак“ на Матеа Киселичка со танчарите Лазар Соколов, Бојана Самарџиска, Марина Гоцевска, Елена Иванова, Стела Поповска. Идејата на овој перформанс е човечкото тело што во релација со ова планетарно тело создава танцова композиција во една уметничка инсталација, на едно надреално место.
На програмата е и кореографијата „Култиватор“ на Андријана Андреева, простор во кој се споија млади уметници, ентузијасти и сите заедно создадоа заедничка енергија во процесот на истражување на движењето и формата. Раѓањето на новата енергија е ставено во машина што нема да престане да работи и е наречена култиватор. Потоа ќе биде изведена кореографијата „Екстендид боди“ на Александра Петрушевска и Адријана Данчевска, краток танц-перформанс што се занимава со човековите телесни способности. Тргнува од најесенцијално движење, чекорот, како база на која се ставаат други нивоа за достигнување покомплексна целина.
Потоа ќе бидат презентирани кореографиите: „Последен здив“ на Даниел Коцев, инспирирана од животна случка што тој ја има доживеано, „Современ тотем“ на Дејан Битровски, „Современо танго“ на Лазар Соколов и „Сите ние“ на Рисима Рисимкин.