Музејот на современата уметност во Скопје, за првпат ќе биде домаќин на Музејот на современа уметност „МОМус“ од Солун, Грција. На 27 септември, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена голема постановка со наслов „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?). Ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.
Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори, а ќе гостуваат и кураторката на изложбата Сираго Цијара, нејзините асистенти Домна Гунари и Ерини Папаконстантину. Покрај кураторскиот тим пристигнуваат и дел од уметниците како Александрос Пломаритис, Томас Диафас, Нефели Сани, Рена Радле…
– Оваа културна размена е од историска важност за Македонија и Грција. Уметноста отсекогаш умеела да ги „скрши“ границите. Возбудени сме што со музејот во Солун успеавме да воспоставиме блиски врски и што со заднички сили можеме да продуцираме значајни проекти. Живееме во регион кој претрпе и продолжува да страда од последиците на национализмот и транзицијата, од бурните социо – политички промени. Соработките нè зближуваат, а изнаоѓањето заеднички решенија и доаѓање до нови и ефективни модели на соработка, се рефлектира и во програмските активности на двата музеи, и во можноста за нови идни институционални билатерални соработки – истакна директорката на МСУ во Скопје, Мира Гаќина.
Сираго Цијара, кураторката на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ смета дека начинот на којшто се доживуваме себеси и нашите односи со другите луѓе драстично се менува во ерата на дигиталната култура, поставувајќи го прашањето како се дефинираат современите луѓе. По името што им го дало семејството, по нивното потекло, по нивната професија, родот, сексуалноста, општествената класа, религијата, етничката припадност, индивидуалната или колективната меморија, или тие својства се преиспитуваат и стануваат предмет на нова обработка во контекстот на имиџот што луѓето го стекнуваат или го конструираат за самите себе на социјалните медиуми? И колку е таа дигитална слика за нив „реална“? Дали старата дистинкција помеѓу „реалното“ и „конструираното“ повеќе не е релевантна и дали сликата за самиот себе отсекогаш била измислица на замислено претставување, кое само се пренесува преку новите технологии?
– Уметниците/учесници во постановката даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето. „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во голема мера при визуелното претставување на самиот себе – појаснува Цијара.
Тимот од Музејот на современата уметност Скопје, минатата година беше во работна посета во неколку водечки институции од областа на современата уметност во Солун.
На 18 јули оваа година МСУ – Скопје во МОМус – Солун ја отвори изложбата „Се што ни е заедничко“ со дела на 14 уметници од Југоисточна Европа. Куратори на изложбата беа Мира Гаќина и Јованка Попова, а истата беше соработка меѓу двата музеи, како дел од пошироката заедничка програма на МСУ Скопје со институции и музеи од регионот и Европа.