Во Македонскиот народен театар во тек се подготовките на претставата „Галеб“ по текст на Антон Павлович Чехов во режија на Нина Николиќ. Претставата е дел од годишната програма на националната установа Македонски народен театар за 2018 година.
Московската премиера на текстот „Галеб“ се случила пред точно 120 години и тоа е голем предизвик одново да се открие дека текстот и во денешни услови е актуелен и отвора теми што го допираат современиот човек, бидејќи станува збор за љубовна приказна. Во историјата на Македонскиот народен театар текстот „Галеб“ е поставен двапати, во режија на Димитар Ќостаров во 1960 година и на Бранко Ставрев во 1990 година. Новата претстава во режија на Нина Николиќ ќе биде трето поставување на овој класичен текст на сцената на МНТ.
-Текстот содржи ситуации кои и денес ги живееме, како Чехов пред 120 години да го пишувал за 21 век. Пристапот што го имам во поставувањето на претставата е поинаков само во однос на брзината со која се одвиваат ситуациите, открива режисерката Нина Николиќ.
Во подготовката на претставата се вклучени актер(к)ите: Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Емил Рубен, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски (к.г.), Сашка Димитровска, Тина Трпкоска, Благој Веселинов и Аксел Мехмет (к.г. од Турскиот театар).
Во сценското и визуелно обликување на претставата свој удел ќе имаат архитектката Вишња Вујовиќ од Белград (Србија), која работи на сценографијата, Ивана Каранфиловска-Угуровска ја подготвува костимографијата, дизајнот на светлото ќе биде на Крис Јегер, како гостин од Велика Британија, додека кореограф е Димитрис Сотириу.
Планирано е премиерата на претставата „Галеб“ да се одржи кон средината на декември оваа година.