Јубилејното 25-то издание на Меѓународната ликовна колонија „Михajлово- Кавадарци“ официјално ќе биде отворено вечерва во 20 часот, во летната бавча и галеријата на
домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци. Годинава на колонијата е најавено учество на дваесетина ликовни уметници, најмногу од Македонија, Турција и од Бугарија.
Во објавената листа на учесници годинава се: Вахит Акан, Ахмет Есет Копруилу, Фарук Оздемир, Семра Ѓонул, Ајнур М. Каплам и Зивер Каплам од Турција, потоа Светлозар Недев од Бугарија и Драги Хаџи-Николов, Новица Трајковски, Тони Чатлески, Димитар Димитров, Киро Јосифов, Лазар Дојчинов, Горан Боев, Сузана Ал-Салкини, Марина Убавкова, Ванчо Кеков, Соња Р. Јовановска, Владимир Темков и Фехим Хусковиќ од Македонија.
Заради новите превентивни мерки, отворањето на колонијата ќе се одвива според сите протоколи за спречување на ширењето на ковид-19, односно за присуство се потребни сертификат за примена барем прва доза на вакцина, негативен тест не постар од 72 часа или потврда за прележан ковид-19 до 45 дена. Истото важи и за учесниците на ликовната колонија. Оние уметници од списокот на најавени учесници кои нема да можат да присуствуваат, ја имаат можноста да сликаат од дома и онлајн да ги презентираат нивните дела.
Во рамките на отворањето на ликовната колонија во галеријата на домот на културата ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Драги Хаџи-Николов од Гевгелија насловена како „Етно Приказни“. Ми.М.