Атанас Вангелов: Лирската биографија на Конески, „Слово“, Скопје, 2020

Рецензија

Мајсторот на нашата филологија и книжевна херменевтика, Атанас Вангелов, напишал капитална книга за таткото на македонскиот литературен јазик и бардот на македонската поетска реч – Блаже Конески. Тоа е досега, убедливо најкомплетната херменевтика посветена на Конески. Тоа е така, затоа што Вангелов се послужил со еден нов, за оваа пригода создаден метод, сосема во духот на тврдењето на Жерар Женет за тоа дека критиката денес е можна само како „домашно мајсторисување“: денес теоретичарот нужно е упатен не само на користење готови методолошки „алати“ туку во својата теориска и критичка работилница, мора од старите поими да произведе нови и специјално приспособени алатки кон предметот што го проучува/интерпретира. Тој невообичаен метод на и за Вангелов (досега беше главно во методот close reading), специјално дизајниран како инструмент со кој му се приоѓа на до едноставност сложеното дело на Конески е најпрвин калкирање, а потоа и драстично видоизменување на познатиот стилистички круг на Лео Шпицер. Станува збор за Шпицеровото „херменевтичко кружење“ меѓу некој површински, стилски истакнат сигнал на поетскиот текст и „етимонот“ или јатката на песната. Тоа подразбира да се избере некоја синтагма, некое притемнето место (фигурално решение) на површината, па да се слезе во длабочината на песната, да се детектира етимонот (семантичкото јадро), а потоа потврда за тие семантички сознанија да се побараат повторно со затворање на кругот – на површината на текстот, во други сигнали („притемнети места“), кои би ја потврдиле егзегезата.

И додека Шпицер го прави тоа како „иманентен“, „интратекстуален“ пристап кон поетскиот текст, тргнувајќи од текстовен факт што ќе го води во „средиштето“ на поетскиот текст, притоа избегнувајќи ги „надворешните импулси за толкување“ (биографија, социологија, идеологија), кај Вангелов кругот на Шпицер драстично се проширува токму врз овие „надворешни“ области! Како и Шпицер, и Вангелов тргнува секогаш од некој „редок спој“, „притемнето место“ од стилистиката (површината) на поетскиот текст на Конески, за потоа да се спушти до јатката на песната (семантичка интерпретација), но наместо веднаш да се врати повторно на површината од поетскиот текст каде што би барал потврда за своето толкување, тој го шири кругот врз биографијата на Конески. За потоа да даде херменевтика и на тие биографски „факти“ од повеќе различни гледни точки (идеологија, психологија, филозофија). Од тие ризници на културата се влечат „докази“ за првичната претпоставка, поттикната од „површинскиот сигнал“ на текстот (на пример, синтагмата „хмурна меланхолија“ кај Конески). Кругот се проширува во елипса, со тоа што и оние дисциплини што се сметаа за екстралитературни факти сега се вклучени како рамноправни станици на патот на тоа херменевтичко „кружење“. Дури откако ќе ги посети нив, Вангелов се враќа на површината на поетскиот текст и бара нови „површински сигнали“ што го докажуваат неговото толкување на биографијата на Конески. Целта му е: „Да оцрта внатрешен лик на еден поет што е, така да се рече, растворен во неговата лирика. Тоа е ликот на неговата „длабока интима или на скриеното јас, кое се разликува од негово јавно, социјално јас.“ Вангелов ја бара „другоста Конески“, скриениот Конески.

Тоа значи дека на методолошки план, на Вангелов му успеало нешто што на прв поглед изгледа како неостварливо нешто – обид за помирување меѓу иманентните и екстратекстовните методолошки пристапи кон книжевниот текст. Овде тие се впрегнати во истата херменевтичка запрега, и веќе не тргаат едниот на лево, другиот на десно: кругот не им дава ориентација за лево и десно. Во тоа е генијалноста на Мајсторот. За генијалноста на Таткото, пак, говори книгата, на цели 274 навидум едноставни („прозрачни“), а густи (херметичко-херменевтички) страници, и јас овде не би си допуштил да говорам невешто за она што таму е сјајно напишано. Би кажал само уште неколку нешта за Мајсторот, зашто новинската рецензија не допушта повеќе.
Сите ние што се занимаваме со интерпретација на книжевни текстови знаеме за таа непремостлива дихотомија меѓу „иманентен“ и „надворешен“ пристап кон книжевниот текст. И сите се обидуваме да ја надминеме, чувствувајќи ја „недоволноста“ и на едниот и на другиот пристап. „Се вадиме“ со „интердисциплинарен пристап“, но многу често тој наш интердисциплинарен пристап се претвора во раштимано методолошко разногласие, па во истиот букет знаат да се најдат и методи што немаат ништо заедничко. Ни недостига некој „архиметод“ што би ги дисциплинирал сите тие различни, и иманентни и надворешни пристапи, кој би ги координирал како некоја надредена суперструктура, би ги довел во ред и меѓусебна соработка. Веќе реков: Вангелов тој „архиметод“ се сетил да го побара (и го наоѓа) во модификацијата на Шпицеровиот стилистички круг, и во таа навидум методолошка невозможност (да се прошири иманентниот стилистички круг со надворешни методи) се состои и едноставноста, и генијалноста на неговиот пристап.

Таквиот негов методолошки потег е оправдан не само од аспект на Кроче, Анри Бергсон и Шпицер, туку и од аспект на понови сознанија: семиотиката на Умберто Еко и неговите сфаќања на метафората. Еко, имено, ја пласираше тезата дека и создавањето и толкувањето на фигурите зависат од културниот контекст во кој фигурата настанала, но и од културните кодови (контексти), кои толкувачот ги познава во мигот кога ја чита и толкува фигурата. Да потсетам: Еко разликува два вида семантички опис – семантички наспроти семиотички. Првиот е даден во речникот (него го создава лексикографот), другиот во енциклопедијата на зборот (неа ја создава книжевниот толкувач). Еве го тоа место кај Еко: „Еден речник ги утврдува само непосредните својства на една семема што може да се опишат (античката реторика би рекла – поимната содржина на зборот), додека енциклопедијата ги утврдува и сите оние знаења во врска со контекстите во кои одредена лексема ќе се најде.“
Оттука и енциклопедискиот карактер на оваа книга: таа е книга на знаења, зашто реконструира цели културни контексти. Таа не само што ги детектира „притемнетите места“ (фигурите) во песните на бардот Конески, туку се занимава и со „притемнетите места“ во биографијата на Конески: на пример, односот Конески – Крлежа, Конески и комунистите, Конески и влијанието на руските нихилисти, реконструирајќи ги, претпоставувајќи што можело да се случи, и потоа наоѓајќи потврда за тие „екстралитературни“ сигнали повторно во самата песна и нејзината стилска површина.

Таквиот енциклопедиски пристап главно се применува за реконструкција на следниве културни контексти: психолошки контекст – преку длабинската психологија Вангелов ја растајнува кревката, а всушност гранитна карактерологија на личноста на Конески и го доведува во врска со други сродни поетски персоналитети како што е Прличев; идеологија, што подразбира реконструкција на идеолошките нелагодни контексти во кои Конески живеел и често морал „да плива“ низ нив; историски контексти (посебно онаа глава посветена на значењето на реткиот спој „смачкано/згазено племе) филозофски контексти (особено расветлувањето на делото на Конески по однос на Ками и побунетиот човек, потоа, односот на Конески кон руските нихилисти – сјајното поглавје за површинскиот сигнал „аскети преки“, или, да речеме, врската со француските симболисти); теозофски контекст (особено прашањето за теодицејата и прашањето за „суровиот“ и „исплашен“, а со тоа – несовршен бог од песната „Одземање на силата“ и целиот циклус за Крале Марко); филолошки балкански контекст во кој Конески се оформил, ги добил првите удари и го бранел македонскиот јазик (со влијанието и улогата на Александар Белиќ, Михаил Арнаудов и редица други видни филолози, но и наши, македонски „филолози“ што плукале врз неговата „бела зграда“ или, во интерпретацијата на Вангелов – „бела палата“ на јазикот…
Има уште многу други енциклопедиски реконструирани контексти во оваа сјајна книга на Вангелов, во кои се „усидруваат“ ретките споеви извлечени со мајсторската стилистичка пинцета од површината на песните на Конески. Токму поради таа своја енциклопедиска устроеност, оваа книга наликува на најблескавите есеи на еден европски мајстор на есејот – Никола Милошевиќ.

И таа споредба ни укажува дека ова е книга на ерудит од светски формат, посветена на лингвист и писател од светски формат. Да се чуди човек што се случува во наша Македонија. Јас сум израдуван, но не и изненаден од појавата на оваа книга: на некој начин ја очекував, зашто истото ова Атанас Вангелов го напиша пред 26 години (за оние што знаат да читаат на ниво на архисеми) во својата поема „На безгласје глас“, посветена на Конески, а наградена со наградата „Григор Прличев“. Таму пееше како поет, а резонираше како научник. Овде пее како научник (стилот на оваа есеистика е брилијантно поетски едноставен).
Само тоа и му доликува на едно слово на мајсторот, посветено на Таткото.