Музеите во Северна Италија – во Венеција, Милано и во Торино, ќе бидат затворени најмалку една недела поради ширењето на коронавирусот. Досега незабележаното затворање на јавни и приватни музеи е најавено откако во Северна Италија се потврдени повеќе од 200 случаи на заразени со коронавирусот, пренесе „Арт њуспејпер“, наведувајќи дека бесплатниот влез во музеите низ Италија, кој се нуди во првата недела од секој месец, привремено е суспендиран со одлука на Министерството за култура.
Во Венеција е затворена и палатата „Дукале“, како и музејот „Пеги Гугенхајм“, а на 23 февруари заврши порано и славниот Венецијански карневал, кој требаше да трае уште два дена.
Откажани се и настаните во Театрино во палатата „Граси“ на францускиот милијардер и колекционер Франсоа Пиноа.
Надлежните за регионот Ломбардија изјавија дека музеите во Милано ќе бидат затворени најмалку една недела. Слична е ситуацијата и во Торино, каде што локалните власти најавија дека музеите ќе бидат затворени барем до 29 февруари.