Даница Стојанова, пијанистка
На крајот на оваа недела ќе настапите во Германија. Што ви беше важно при изборот на програмата?
– На 17 ноември ќе настапам во рамките на серијата концерти „Класика“ во музичкото училиште „Ленце“ во Херфорд, а на 18 ноември во камерната сала на „Мјузик унд малшуле хајнене“ во Керпен (Келн), поддржани од општината Струмица и градоначалникот Костадин Јаневски. За еден солистички настап изборот на програмата е од исклучителна важност, како и во секое дело, па, така, и во програмата содржината треба да има една рамка (почеток, развоен дел и крај). Концертот треба да биде една музичка приказна што солистот има за цел да ѝ ја раскаже на публиката и да предизвика емоции и заинтересираност. Мојата приказна ќе почне со Првата исповедна молитва од Аврамовски, за веднаш да продолжам со исклучителната Прелудиум и Фуга за оргули во А-мол од Бах, за која Лист ја има направено транскрипцијата за пијано. Преку неокласичната свита од Зографски и Мазурките од Шопен, публиката ќе ја однесам во еден друг свет, каде што царува поезијата, на таа поезија во еден џезерски манир ќе ги изведам минијатурите од Андреевска, кулминацијата преку делата на Рахмањинов е неизоставна, а со динамичната прелудиоетида на Коларовски завршува мојата приказна од 55 минути.
Имавте повеќе меѓународни претставувања во последно време. Како успевате да ги договорите концертите, преку лични контакти, менаџер…?
– Дел од моите настапи беше реализирани преку Министерството за култура по пат на конкурс, дел преку лични контакти, дел преку аудиција со снимки. За жал, кај нас уште нема таков профил на човек или агенција со менаџерски услуги. Јас, искрено, им понудив соработка на неколку професионалци во менаџментот, меѓутоа одговорот беше негативен. Целосно ги разбирам, која е заработувачката од вакви концерти, (аплаузот) хонорарот кога би се поделил на проценти меѓу вклучените во проектот е многу мал и неисплатлив. Оттука, за жал, јас сама сум си организатор и морам да кажам дека се губи драгоцено време за сите подготовки, а најважното за еден солист пред настап е паметното континуирано вежбање и чиста мисла, но, ете, успевам некако и не сум единствена, за жал. Во Македонија менаџер има само еден уметник, Симон Трпчевски. Затоа тој е единствениот што има светска кариера. Од голема помош, особено за младите уметници, е Музичката младина на Македонија, со која одлично раководи Александар Герасимовски. Морам да ја споменам и да ѝ се заблагодарам на волонтерската работа на Панда Зографска-Беличанец, претседателка на фондацијата „Томислав Зографски“, каде што сум почесна членка, која неуморно ја следи македонската класична сцена и ја забележува преку фотографии и аудиоснимки. Тоа е навистина една голема работа и олеснителност за сите нас што сме дел од тоа семејство.
Македонските композитори секогаш се присутни на вашите концерти…
– И тоа многу! Уметноста е една од малкуте гранки што ја има можноста да ја афирмира нашата земја. Македонското музичко класично творештво со богатиот фолклор, ритам и мелодија од нашето поднебје е секогаш интересно за западната публика. На македонската композиторска сцена се појавуваат сѐ повеќе млади композитори, атрактивни и смели во пишувањето, на нас останува да ги проучиме делата и да го афирмираме тој прекрасен труд. Со делата од Коларовски, Зографски, Аврамовски, Прошев, Николовски, Цанев, Стојков… растев и се развивав како музичар. Ги сакам делата на Јана Андреевска, Никола Димушевски, сѐ повеќе сум воодушевена од делата на Бете Илин, Филип Ивановски, ете тоа е мојата палета засега. Тоа не значи дека списокот завршува овде.
Освен што настапувате како пијанистка, вие сте и педагог. Што ви е важно да ги научите идните пијанисти?
– Горда сум на сите што завршија во мојата класа, кои се активни на сцената, или се најдоа во педагогијата, но најважно е да се вредни и искрени кон работата. Да не бидам скромна, уживам авторитет кај вистинската млада музичка фела (најдобрите), многу е тешко во денешни услови да им се наметнеш, но моето искуство собрано од најдобрите педагози од Македонија и од светот кажува едно, професионалец препознава професионалец и таквите се прифаќаат. За младите пијанисти најважно е да имаат одличен професор за да се развиваат во вистинскиот правец, да вежбаат дисциплинирано, да читаат, да учат јазици, да посетуваат добри концерти, мастер-класи и да го градат процесот со квалитет што еден ден ќе ги направи среќни, а преку својата музика ќе го направат овој свет да биде поубав. Ете, тоа ги учам. Се радувам на секој нивен успех, некои од нив не се во мојата класа, но ги следам во развојот и им стојам на располагање со моето искуство. Ние сме многу талентиран народ, но тоа не е воопшто доволно за да застанеш на сцена. Едукацијата и вистинската вредност се тоа што ќе те однесе на пиедестал. Часови, денови, месеци, години вежбање на инструментот, голема жртва. Кој е подготвен да оди по тој пат, успехот е неизоставен. Ете, нашиот ученик Арда Мустафоглу, млад пијанист, е пример за тоа како треба.
Имате ли договорено уште настапи до крајот на годинава?
– По Германија, ќе учествувам на ЕПТА со стручно предавање, го завршувам компакт-дискот што треба да излезе наскоро, во декември свириме со мојот поранешен студент Бобан Мирковски како клавирско дуо, ќе се навратам на мојата книга „Шопен – поетот на музиката“, која ќе се издава вторпат, а во меѓувреме ја подготвувам агендата за 2019 г., за која сум особено среќна. Понекогаш во премор се мислам дали се потребни толку многу активности, на некои и не морам задолжително да учествувам, па ќе ми излезе пред очи стариот Бах и ќе ми рече „џабе работи, џабе не седи“! Судбина.