Концертната промоција на вториот албум на „Рона Нишлиу квартет“, насловен „Миндил“ ќе се одржи в понеделник во 21 часот во салата на Македонската филхармонија, во организација на Културно-информативен центар-Скопје.
Музичкиот албум вклучува десет песни од стотици години музичко наследство, звуци што ја препознаваат креативноста на оваа територија, особено мелодични, лирски и весели нијанси. Внимателно избрани музички содржини што ги спојуваат најубавите песни на албанскиот мелос како: „Бареша“ на Реџо Мулили, „Ме луле те букура“ на Тиш Даја, „Мој е мира те појата“ во верзијата на групата „МАК“ од Косовска Митровица, „Маленџими“ и многу други.
Квартетот е основан кон крајот на 2014 година и оттогаш се претставил на многу концерти и современи и традиционални музички фестивали. Квартетот го сочинуваат: Рона Нишлиу (вокал), Едон Рамадани (пијано), Кирил Туфекчиевски (двоен бас) и Несим Макшуни (тапани). Проектот „Миндил“ го користи уметничкото творештво на Рона Нишлиу и членовите на квартетот за промовирање на заеднички вредности, културно, духовно и музичко наследство.
Појдовна точка на проектот е трансформацијата на традиционалната музика. Албумот ќе има концертни промоции во повеќе градови во Македонија, Косово и во Албанија со цел запознавање на јавноста со музичкото духовно наследство.
Вокалистката Рона Нишлиу е родена на 25 август 1986 година во Косовска Митровица. На тринаесет години се преселила со своето семејство во Приштина. Работела на Радио „Блу Скај“ во Приштина како презентерка. Нишлиу ја претставуваше Албанија на Евровизија во 2012 година во Баку, Азербејџан, откако победи на националниот избор со песната „Суус“.