Одборот за државната награда „Мајка Тереза“ распиша конкурс за доделување на наградата во 2019 година. Конкурсот ќе биде отворен од 1 до 30 април годинава.
Со државната награда „Мајка Тереза“ се оддава признание за остварувања во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување и унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Државната награда им се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава. Државната награда, под условите определени во конкурсот, може да им се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство. На награден поединец му се доделуваат диплома и паричен износ. На секој член од наградена група творци или екипа му се доделуваат диплома и еднаков дел од паричниот износ. На наградена установа, трговско друштво или здружение на граѓани им се доделуваат диплома и плакета. Паричниот износ на државната награда „Мајка Тереза“ изнесува пет просечни месечни плати во Република Северна Македонија исплатени во последните три месеци на тековната година. Државната награда „Мајка Тереза“ се доделува, по правило, секоја година. Во една година може да се доделат најмногу две награди.
Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во еден примерок. Иницијативите треба да се достават на следнава адреса: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61 – Скопје, Република Северна Македонија.