За првпат една книга од наш афористичар е издадена и на странски јазик. Се работи за книгата „Сатирични мистерии“ на нашиот најпознат и најплоден афористичар Миле Ѓорѓиоски, која денес излезе од печат на бугарски јазик, а ја подготви и селектира нивниот познат сатиричар, Веселин Димитров.
Книгата ја сочинуваат над 1.500 афоризми и претставува сублимат на најдобрите афоризми на Ѓорѓиоски од неговото досегашно творештво. Така, овој наш афористичар стана континентално познат, откако претходно учествуваше во заеднички трудови со афористичари од дваесетина евро-азиски земји.
– Ми припадна честа јас да бидам првиот афористичар од Македонија чија збирка афоризми е издадена на странски јазик, поточно на бугарски јазик. Книгата „Сатирични мистерии“ ја сочинуваат 1.555 афоризми, кои се избор од целокупниот мој досегашен опус и претставуваат нешто најдобро што сум го создал на ова поле. И на овој начин сакам да изразам големо задоволство од преводот и селекцијата на афоризми извршени од страна на бугарскиот сатиричар Веселин Димитров – рече авторот Ѓорѓиоски, кој наскоро најавува и нови книги афоризми и сатирични коментари, комедии и детски афоризми.
Тој е носител на престижната награда „Златен круг“, за придонес во развојот на светската сатира.
Иако по вокација е дипломиран економист, тој целокупниот свој ангажман го насочил кон хуморот и сатирата. Роден е во Кичево пред 63 години, каде завршил и гимназиско образование, а денес живее и работи во Делчево.