Во поглавјето за местоположбата на селото и на некрополата, на стр. 16, е поместена карта со легенда на англиски јазик. Исечокот е од географска карта отпечатена на бугарски јазик, поради тоа првата помисла на секој што ќе ја види картата, особено на оние што многу малку ја знаат географијата на Балканот, ќе биде дека станува збор за државата Бугарија
Историчарката Наде Проева, професорка и експертка по античка историја на УКИМ, реагира на голем пропуст во каталогот „100 години Требениште“, изработен и промовиран деновиве во Археолошкиот музеј на Македонија по повод претстојната изложба за стогодишнината од откривањето на првите две златни маски во охридско-струшкиот регион, поточно во селото Требениште.
– Каталогот е печатен во Софија и финансиран од бугарската држава, поради што (со право), прво е ставено името на бугарскиот музеј, а не на музејот на земјата (Македонија) од каде што потекнуваат сите овие наоди. Бугарските колеги заслужуваат признание за огромниот труд вложен во подготвувањето на овој каталог, на прво место за одличниот технички и графички дизајн. Но има едно големо но, кое фрла дамка на овој труд, а тоа се неколкуте пропусти неприфатливи за меѓународна публикација што ја покажува точноста на народната поговорка, за кравата, (во случајов за кравите), што дава многу млеко ама потоа ќе го клоцне котлето и ќе го истури. Така во поглавјето „Историјат на истражувањата“, во кое е прикажана историјата на откривањето на оваа прочуена некропола, со намера да се прикаже, како што е вообичаено, местоположбата на селото и на некрополата, на стр. 16, е поместена карта со легенда на англиски јазик. И не само што во легендата не е напишано на која земја се однесува овој топографски детаљ, туку исечокот е од географска карта отпечатена на бугарски јазик – вели Проева.
Според неа, поради тоа првата помисла на секој што ќе ја види картата, особено на оние што многу малку ја знаат географијата на Балканот, ќе биде дека станува збор за државата Бугарија.
– Оправдувањата на домашните колеги, на кои навреме им укажав на овој навидум мал, но исклучително важен детаљ, дека картата била од времето на откривање на некрополата, не држат, бидејќи не станува збор за архивски материјал како што се другите материјали пишувани на мајчиниот јазик на тогашните бугарски власти и истражувачи, туку за обична географска карта со која треба да се покаже местоположбата на некрополата и на селото, кои, и во 1918 г., и сега, се на истото место. Имено, географијата на областа не е смената, освен селската архитектура и модернизираните патишта. А ако уредниците со картата сакале да ја прикажат тогашната политичка состојба, тогаш требало да стават карта со српска транскрипција бидејќи, и пред, и по војната, овој дел од Македонија, од завршување на Балканските војни па до Втората светска војна бил под српска власт и од 1929 до 1941 г. бил именуван како Вардарска Бановина – објаснува историчарката.
Според неа, уште помалку држи вода, правдањето на бугарските колеги, кое им било дадено на македонските уредници, дека немале карта на македонски јазик, затоа што во ера на информатиката воопшто не е тешко да се најде оригинална карта, а уште полесно било (и требало) да побараат карта на Р Македонија од македонските колеги.
– Ако бугарските колеги сакаат да докажат дека зад овој пропуст, да не речам гест, не се кријат, макар и потсвесно, политички мотиви што произлегуваат од историските синдроми, во прв ред на бугарските политичари, во врска со македонскиот народ, неговиот јазик и историја, треба да отпечатат исечок од карта на македонски јазик и да го прелепат преку веќе отпечатениот, или да го стават на крајот од каталогот, како ерата – вели Проева.
Таа додава дека освен овој капитален „пропуст“ за што во прв ред се одговорни македонските уредници (А. Папазовска и П. Арџанлиев), во нејзината студија, што е дел од каталогот, не се поправени грешките во картата со распоред на племињата по должината на Егнатискиот пат, иако од уредничката Александара Папазовска, побарала да бидат поправени неточно внесените географско-етнички имиња, и картата да ѝ биде вратена на увид, односно на одобрување.
– И доколку не биде повторно отпечатена точна карта според мојата скица, критиките за грешките ќе одат на моја адреса, односно сите ќе мислат дека не знам каде се наоѓале областите Пелагонија, Линкестида и другите. Иако укажав дека во библиографијата е испуштена мојата најнова студија за погребниот ритуал со златни маски, презентирана на научна конференција во Рим во 2017 г., што е насфатлив пропуст, бидејќи маските се главни „актери“ како во каталогот така и на изложбата, сепак не е внесена. Во ваков случај секој би се запрашал дали овие грешки се случајни? Се надевам дека моите колеги ќе имаат доблест да ги внесат овие поправки додека каталогот сѐ уште не е широко дистрибуиран. Во спротивно ќе ценам дека се направени намерно – категорична е историчарката.
Таа додава дека иако оваа нејзина реакција може да биде сфатена како национализам, станува збор за научни побуди, односно за научна акрибија, која, за разлика од политиката, е задолжителна за науката.