Со затворањето на музеите и галериите поради пандемијата, која почна засилено да се шири и низ САД, уметниците се одлучија да ја изразат својата креативност и да извршат влијание на друг начин – на улиците. Без разлика дали станува збор за бактерии нацртани како злобни карактери, војници вооружени со средства за дезинфекција или, пак, пријателски потсетник да ги миеме рацете, креативците пронајдоа колективна стратегија за справување со ковид-19.
Така, пред градоначалникот на Мајами да ги затвори плажите, пролетниот распуст беше во полн ек, и покрај јавниот повик за социјално дистанцирање. Но во една изолирана градежна зона на неоткриена локација, Шон Јоро, кој твори под уметничкото име Хула, нацрта коронавирус на крајот на долг синџир, во форма на топка за рушење. Околината во која се наоѓа уметничкото дело е напуштена и демолирана локација покрај брегот.
Тоа е она што уметникот го нарекува „совршен симбол на сегашниот хаос и уништување што се случува токму сега низ целиот свет“.
– Користејќи ги разрушените темели и остатоци, сакав да го истакнам невиденото влијание што овој вирус го има врз речиси секој аспект од животот. Откако ќе заврши оваа пандемија, светот нема да биде ист, кревкоста на нашите глобални системи е видно изложена и луѓето ќе бидат под силно влијание на овие настани, како во мислите, така и во постапките – објаснува Јоро.
Во меѓувреме, уметникот Џулс Мак, чие уметничко име е Мак Рок, наслика мурал со Ана Никол Смит како носи маска на лицето на која е испишан зборот „Страв“.
– Останавме без тоалетна хартија затоа што веќе долго време сме до колена во фекалии – вели графитот на Џили Балистик.
Таа се здружи со артистот Планедализам (Адриан Вилсон) за да ја шират пораката „Не шири вирус“.
– Овие дела се начин за справување со чувството на мала или никаква контрола, начин на гледачот да знае дека не е сам во тоа чувство. Планедализам, пак, додава. Луѓето имаат потреба од фокус за нивната радост или тага или исфрлање на својата фрустрација. Како уметници, важно е да обезбедиме покреативен начин луѓето да се фокусираат и да ги преобликуваат тие емоции – велат уметниците.
Во Бруклин, уметникот Ерик Џоза, чие уметничко име е Сиер Уан, нацрта мурал на аголот на улицата Гров и авенијата Бродвеј во Берум Хил. Делото прикажува вирус во форма на демон, симбол Биохазард и автопортрет на уметникот со гас маска на лицето.
– Откако градот прогласи вонредна состојба, сакав да направам нешто за да го забележам овој дел од времето и околината во која се наоѓаме. Но животот продолжува, иако мислам дека ќе се влоши пред да се подобри – открива Џоза.
Уметникот од западниот брег со псевдоним Хајџек Арт, нацрта мурал со двајца војници како се борат со коронавирусот во населбата Пико-Робертсон во Лос Анџелес.
– Стравот и повикот за акција во време на оваа пандемија навистина ја освоија имагинацијата на многумина во и надвор од мојот град. Лоцирано на пресекот на булеварот Вест Пико на улицата Ривс, двата лика на делото носат заштитни скафандери, додека се обидуваат да го исчистат вирусот со прашко, средство за дезинфекција „виндекс“ и со правосмукалка на која стои симболот „Не ковид-19“ – вели Хајџек Арт.
Уметникот Шенон Гринхаус, пак, креира уметничко дело на картон и го постави до прозорецот на својата куќа, која се наоѓа на улица со голем сообраќај и многу пешаци.
– Бидејќи гледав како нештата се одвиваат овде во САД, сè повеќе сум фрустрирана од недостиг од јасни и одлучувачки активности што треба да ги преземаат владините службеници и амбивалентноста на многу поединци. Луѓето не постапуваат онака како што бара оваа ситуација – вели Гринхаус.