Во земјата што ја задолжила оперската сцена за навек се родиле многу видни композитори. Од првиот, маестро Пиеро, кој творел во четиринаесеттиот век пред нашата ера, до Пјетро Маскањи (7.12.1863-2.8.1945), последниот голем италијански оперски композитор, закитен со светска слава.
Маскањи уште како дете учел музика и се занесувал со идејата да напише опера. Дури и купил едно либрето, на кое почнал да работи кога имал 13 години. Кога потпораснал, отишол на студии во Милано, кај видниот композитор и професор Алмикаре Понкиели (1834-1886), но бил премногу темпераментен и своеглав за да се потчини на железната дисциплина што ја барал професорот. Ги напуштил студиите и се приклучил на некоја патувачка оперска трупа. Тука љубовта кон операта се втемелила во неговиот творечки идентитет. Во 1888 година, Маскањи дознал за натпревар за опери едночинки. Веќе имал напишано четири опери и планирал да испрати еден чин од една од нив, кога дознал дека сопругата веќе ја испратила неговата мала опера „Кавалерија рустикана“. Жената со своето шесто сетило ретко греши, а доказ за тоа е освоената прва награда на конкурсот. Операта веднаш ја освоила публиката, исто како и жирито, и до ден-денешен останала најпознатата опера на Маскањи, со неброено многу изведби во светот.
Пркосот и фриволноста го обележиле животниот и творечкиот пат на Маскањи. Затоа тој никогаш немал цврста соработка со ниту една издавачка куќа, па во староста се нашол на прагот на сиромаштијата. Во тоа време, во виорот на режимот на Мусолини, бил и обележен како „болшевик“, па во секој поглед му се пишувало црно. Но Маскањи, кој цел живот си бил сам себеси единствен авторитет и единствен што до небеса го воздигнувал сопственото его, не можел да дозволи да биде ниту сиромашен, ниту цензуриран и репресиран од режимот. Затоа решил да се приклони кон душманот и со тоа да си обезбеди мир и пари. Многу пари. За операта „Нерон“, која го глорифицира Мусолини, и за другите дела напишани по нарачка добил 1.290.000 (тогашни) лири, сума што соодветствува на речиси еден милион (денешни) евра.
Следните (за него последни) 20 години од животот живеел во хотелот „Плаза“ во Рим. По соборувањето на Мусолини, кога сојузниците го ослободиле Рим, сите поддржувачи на фашистите паднале во немилост. Единствено Маскањи, заради неговиот придонес во музичката историја на Италија, бил поштеден до крајот на животот. Иако на крајот, сепак, Владата не му оддала последна почит, на неговиот погреб присуствувале над 100.000 луѓе.
Лада Шоптрајанова Петровска