Во организација на здружението „Македонида“ првпат во Скопје, до 31 август, ќе се реализира веќе започнатата уметничка резиденција со наслов „Јужна Америка – Северна Македонија, нови почетоци“. На неа гостуваат четворица уметници од Јужна Америка: Франциско Томшич (Уругвај / Словенија), Хулиета Ортиз де Латиеро (Аргентина), Татjана Коцмyр (Аргентина / Словенија), Аугусто Гадеа (Уругвај), како и домашните автори: Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Шќипе Мехмети. Кураторка на проектот е Гордана Велков, гостин куратор, Владимир Јанчевски, додека, пак, Хенрике фон Девиц од Германија ja води документација за целокупниот престој и активностите на учесниците.
„Допир и простор“ е главната тема на резиденцијата чија идеја е уметниците да имаат можност да разменат искуства со локалната уметничка сцена. Уметниците заедно со организаторите и кураторите во оваа пригода ќе се обидат да ги лоцираат точките на поврзување, преку интензивни дискусии, за да резултираат со заеднички договорена програма, која ќе се состои од презентација на нивните интереси и творечки фокус преку досега реализираните проекти. Предвидени се средби со повеќе уметници и културни работници од локалната уметничка сцена, за да се отвори можност за идни соработки, по што, како што информираат од „Македонида“, треба да следува јавната презентација на уметниците како и настан во самата резиденција кога за пошироката јавност ќе бидат презентирани дел од нивните проекти.