Почнува „Браќа Манаки“
Ѕвездите лауреати на фестивалските награди: Кристијан Бергер, Џослин Пук и Бајрам Северџан веќе пристигнаа во Битола, каде што во наредните денови ќе се одржи 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ под мотото „И покрај сѐ“. Кристијан Бергер, секако, е еден од најприсутните светски кинематографери на фестивалот, чија плодна кариера се одразуваше во повеќе изданија и заслужено станува најновиот член на клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“. Најпознат е по соработката со славниот режисер Михаел Ханеке. Џослин Пук е една од најпознатите британски композиторки на филмска, театарска и концертна музика. Авторка е на музиката на филмовите „Бандите од Њујорк“ на Мартин Скорсезе и „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик.
На фестивал е предвидено традиционалното доделување на наградите „златна камера 300 за животно дело“, „голема ѕвезда на македонскиот филм“ и проекцијата на филмот „Сестри“ на режисерката Дина Дума. Членови на жирито се: Филип Бергсон, Вим Ванакер, Суки Меденчевиќ, Соња Просенц, Димо Попов, а во Битола доаѓаат и голем број филмски работници, претставници на дипломатскиот кор и претседателот, Стево Пендаровски, кој е покровител на фестивалот.
– Ова издание на љубителите на филмската уметност ќе им понуди одлични десет долгометражни и десет кратки филмови, кои ги селектираа Слаѓан Пенев и Даријан Пејовски, ќе се одржат работилници со Кристијан Бергер, Џослин Пук и Грег Малканџи, но паралелно со оваа програма, богатство од настани нуди и оф-програмата, која почна со проектот „Наследниците на Манаки“, под менторство на Марија Џиџева, па продолжи со „Мети си со класнето“, а следуваат проектите „Живи слики“, изведба на филмска музика на Широк сокак, пантомима-перформанс, изложба на колекционерски винили и цедеа – најавуваат организаторите.
Сите овие настани од редовната и оф-програмата испреплетени меѓу себе нудат незаборавно доживување за сите што деновиве ќе уживаат во филмската приказна, која како и изминативе 42 години, од Битола прави престолнина на филмската уметност. Поставено е огромното филмско платно во Пациото на Заводот и музеј во Битола, локација што од синоќа е во боите на филмскиот фестивал.