На прес-конференцијата што се одржа денеска во ЕУ Инфо Центарот по повод 40-годишниот јубилеј на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој говореа директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, уметничкиот директор Благој Куновски – Доре и Слагјан Пенев, со голема возбуда беше соопштено дека фестивалот подготвува побогата и поразлична програма за 40-годишниот јубилеј. ИФФК „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржува од 14 до 21 септември, една недела порано од вообичаено со цел да се избегне поклопување со фестивалот во Сан Себастијан  и да се отвори поголема можност да биде посетен од поголем
број европски филмски критичари.

Директорката Теодосиевска посочи дека поводот за прес-конференција на ИФФК е наградата што ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби од Меѓународната федерација на кинематографери – ИМАГО за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност.

– „Браќа Манаки“ беше единствена институција која ја доби наградата, а ја прими од почесниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс, вели Теодосиевска.

Директорката Теодосиевска и уметничкиот директор Благоја Куновски – Доре ги споделија впечатоците од примањето на наградата минатата сабота кога, како што рекоа, и покрај протестите во Белград, била полна салата на Југословенската кинотека каде што беше второто издание на биеналното доделување на меѓународните награди на ИМАГО, по првото во Хелсинки пред две години. Тие велат дека оваа награда е од извонредно значење за „Браќа Манаки“ и за македонската култура, како и потврда за четиридецениската посветеност на најстариот фестивал во светот посветен на кинематограферите.

– Ова за нас е Оскар, рече Куновски и додаде дека значајноста е во тежината на инститцијата што ја доделува наградата затоа што, рече тој, ИМАГО не ги дели кинематограферите и ги вреднува исто без разлика од кое место на планетата се тие, за разлика од Американската академија каде попривилегирани се англоамериканските. ИМАГО ги коригира гафовите на Американската академија што ги доделува Оскарите, додаде Куновски.

Теодосиевска и Куновски исто така открија и дека меѓу добитниците на награда од ИМАГО бил и кинематограферот оскаровец Роџер Дикинс кој лани ја доби „Златната камера 300“ за животно дело.

Директорката Теодосиевска додаде дека покрај 14-те секции, фестивалот ќе понуди и нешто ново.

– Ќе се обидеме малку повеќе да ја потсетиме нашата публика со најдобрите македонски, но и европски филмови кои можеби сме ги пропуштиле на времето. Ќе се обидеме да отвориме и два нови простора за прикажување, а тоа ќе се зависи и од средствата што ќе ги добиеме и доста економски и штедливо да донесеме што поголема и подобра програма, открива Теодосиевска.

Преку Медија-дескот во земјава, „Браќа Манаки“ оваа година ќе соработува со два европски фестивала.

– Фестивалот на краток и анимиран филм од Барселона и со програма од неколку филмови за деца од фестивалот во Копенхаген. Македонски филмови и автори, пак, се избрани во претпрограмата на „Шорт Вејвс Фетсивал“ во Познањ, Полска. Овој месец таму, во рамки на македонска вечер на „Рандом Хоум Цинема“, пред најголем дел студентска публика биле прикажани пет кратки филма во селекција на Слаѓан Пенев и Марија Апчевска: „Малина“ на Анастасија Лазаровска; „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов; „Награда“ на Лидија Мојсовска; „Доаѓаат од центарот на светот“ на Дина Дума и „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по главата“ од Вардан Тозија.

И.Б.Р.