Оваа година се одбележува 700-тата годишнина од смртта на Данте Алигиери, најголемиот италијански поет и книжевник, кој се смета за татко на италијанскиот јазик. Писател на многу значајни дела напишани на италијански и латински јазик, но пред сè на монументалната поема Божествена Комедија, која претставува едно од најзначајните литературни дела на сите времиња во кое се раскажува за патување во задгробниот живот. Во поемата, поделена на три дела – Пекол, Чистилиште и Рај, се претставени религиозните и филозофски концепти на тој период и се среќаваат бројни познати личности од Италија и современици на авторот, коишто се трансформираат во универзални архетипови, дотаму што тие дури и денес се актуелни. И благодарение на Данте и на ова дело, напишано на италијански јазик, овој јазик се афирмираше како суштински елемент на идентитетот на италијанскиот народ, во тоа време разобединет, и успеа да заземе клучна улога во културниот живот на Европа во наредните векови.
За да му се оддаде чест на Данте Амбасадата на Италија организираше бројни иницијативи коишто ќе започнат на 25 март, односно на датумот кога во светот се слави денот посветен на Данте (Данте ден). Поточно, утре, во 17 часот ќе се одржи онлајн настан отворен за пошироката публика, (за да учествувате обратете се на [email protected]) за време на кој ќе бидат презентирани:
– аудио книга, реализирана во соработка со Институтот Данте Алигиери во Скопје и Здружението Флуктус, со интегрален превод на македонски јазик на првиот дел од Божествената Комедија, Пеколот. Аудио книгата е достапна доколку се регистрирате на онлајн-платформа преку следниот линк.
– конкурс организиран во соработка со Институтот Данте Алигиери во Скопје наменет за македонски студенти за креирање на уметнички постер по повод 700-тиот јубилеј од смртта на Данте Алигиери. Информациите за конкурсот ќе бидат објавени на италијански, македонски и албански јазик на веб страницата и социјалните медиуми на Амбасадата на Италија и Институтот Данте Алигиери во Скопје;
– Излагање на режисерот Лука Кортина на тема популарноста на Божествената Комедија во четиринаесеттиот век;
– Ќе следат семинари и работилници посветени на делата на Данте, организирани од страна на Универзитетот во Штип.
Исто така, во текот на годината ќе се одржат бројни активности за одбележување на смртта на овој Поет – великан. Особено за време на Неделата на италијанскиот јазик и култура што ќе се одржи во октомври во организација на Амбасадата на Италија во соработка со Институтот Данте Алигиери, Здружението на професори по италијански јазик и Универзитетите Св. Кирил и Методиј од Скопје и Гоце Делчев од Штип, во која ќе бидат вклучени бројни семинари и активности посветени на Данте што ќе се одржат во македонските универзитети и училишта, како и една театарска претстава за Одисеј на Данте и проекцијата на филмот „Пеколот“ од Бертолини 1911, придружена со музика од пијано.