Не знам зошто, но многу малку жени се решаваат својата музика да му ја подарат на светот. Компонирањето, по некое непишано правило и некоја чудна традиција, е машка професија. Ова е приказна за една од неколкуте жени што успешно пловеле во овој машки универзум, приказна за мојата омилена композиторка Надја Буланже (1887-1979).
Парижанката родена во музичко семејство (татко ѝ бил композитор, диригент и професор на Парискиот конзерваториум, мајка ѝ певица) имала натпросечен талент. Бескрајно ја сакала музиката, со вознес неопходен за високи достигнувања. Била и исклучително вредна и упорна уште како дете. На 12 години веќе го знаела наизуст и беспрекорно го владеела „Добро темперираниот клавир“ на Јохан Себастијан Бах, основата на пијанизмот, предизвик достоен за возрасни музичари. Сите овие квалитети заедно придонеле таа да стане врвна музичарка.
Надја Буланже била првата жена-композитор што се натпреварувала за „Големата римска награда“, конкурс за композитори што бил престиж во тоа време. Со кантатата „Сирена“ го освоила второто место, само затоа што била жена. (Неправдата подоцна ја „исправила“ нејзината сестра Лили, која се закитила со првото место.) Била и првата жена-диригент што настапила со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралскиот оркестар во Британија. И во Соединетите Американски Држави била првата жена во историјата што диригирала со најдобрите оркестри – Њујоршката филхармонија и Бостонскиот симфониски оркестар. Одржала и над 100 предавања на најпрестижните универзитети во САД, и таму била првата жена што ги надминала традиционално поставените родови граници. Целиот живот на Надја Буланже бил посветен на музиката. Таа била и врвен педагог, била професорка на цела плејада врвни композитори: Игор Стравински, Арон Копланд, Филип Глас, Астор Пјацола. Иако била исклучително строга, била обожавана од своите студенти. Зашто таа не им била само учителка туку и пријателка, потпора, поддршка, патоказ низ животот и музичкото растење.
„Има едно место каде што ќе се најдете себеси и можеби нема да станете добар музичар, но ќе станете добар човек. Тоа место, таа моќ е во вас самите“.
Благодарам, Надја!
Лада Шоптрајанова Петровска