Рецензија
Да се напише кратка лирска песна во еден здив е вообичаено по дефиниција, но да го видиме тоа и во една поема како што е поемата „Као ти и ја“ (пишувана на хрватски, препеана на македонски и на англиски) на Тони Манџуковски-Манџук, звучи по малку неочекувано. Така, иако во неа присуствуваме на една par ekselans аргонаутска имагинациска пловидба на духот и душата остварена во стилот на речиси молскавично поетско озарение. Тоа е затоа што поетот во неа влетал низ тунелот на психосостојбата што се именува со поимот фасцинација ин според Готфрид Бен, најважен поетски елемент. Пред сѐ во однос на јазикот, но и во однос на предметот, мотивот со кој се занимава тој. А тоа е идеалната синтеза, или поетска алхемија што го произведува финалното дело.
Имено, таков среќен е и случајот со „Као ти и ја“ на Тони Манџуковски. И јазикот и предметот/темата во неа се во убав спој на фасцинација и дестилација, на кристализација на, во овој случај, палимпсесните слоеви на имагинацискиот набој и слики од кои излегуваат стиховите на начин на кој, како што би рекол Пол Валери, морските бранови ја изнесуваат длабочината на брегот.
In medias res, предметот на поемата на Тони Манџуковски-Манџук, инженер, писател и поет, е неговата голема фасцинација Никола Тесла, посматран не само како научен, туку и како духовен и душевен универзум во единството. Би рекле, деликатна тема за поетска обработка, која уште на почетокот крие стапици за запаѓање во сув сциентизам. Но Тони тоа добро, интуитивно го знаел, па се одлучил деликатниот предмет да го изрази поетски на исповеден лирски начин во кој природно алхемиски ги амалгамизира двете Јас, сопственото и на својата фасцинација (Тесла) во едно. На Ти и Јас како Јас и Ти слеани во единство.
Личи на деликатен, смел но многу успешен експеримент, суптилно остварен на нивото на она што се дефинира и со поимот „чиста поезија“. Впрочем, и строго рационализираната ритмичка и формална структура на оваа поема води кон правец на тој заклучок. Една, би рекле, совршена амбивалентност што не е изразена само во флуидните проникнувања и слевања на Јас и Ти во Едно, туку, на општо ниво, и со тактилното психолошко и онтолошко проткајување на интелектуалното и емотивното. Наместа таа се открива подзатскриено како „свеченост на интелектот“ (Валери), за потоа веднаш да му се препушти природно на бранот на емотивната импулсивност и тивката лирска екстаза на еден непатворен онтолошки хедонизам како говор на битието.
Двигател, ритам на тој и таков лиризам во поемата на Манџуковски е импулсот на љубовниот принцип, залегнат во нејзината основа, а емотивно влечен од енигматичната Азра. Таа тука, јунговски речено, е оличие на анимата (душата), на женственоста на човекот, но и на вселената. Она што Гете го дефинира како „вечно женско“, а го сретнуваме пред него кај трубадурите во средниот век. Кај русите тој платонистички идеал, пак, на женската убавина како општ космички принцип е посебно присутен во филозофијата на Владимир Соловјов и во поезијата на Александар Блок. Во поемата на Манџуковски, Азра е математичка равенка, интеграл за љубовта, и обратно: љубовта за Азра. Таква, со неа и плови лирското ЈАС / ТИ, или ТИ / ЈАС низ некои ту реални, ту имагинарни топоси, како топоси на душата и културата (цивилизацијата), како што се: Милано, Константинопол, Виена, Будимпешта.
Поемата на Манџуковски е реализирана на површински естетички план со една беспрекорна стилска елеганција главно во аполониски стил, иако под неговата кора пулсира, стишан и култивиран, импулсот на еросот што во крајна инстанца не ги нарушува платонистичката духовна архитектура и аполониска структура на делото. Овој извонреден склад, пак, е присутен и на планот на вглобување на поемата на некои научни, строги интелектуални поими, трансформирани тука во симболи и метафори. Тие се од областа на физиката. Станува збор пред сѐ за поимот енергија, која извира и зрачи од она „космичко јадро“ за кое говори и Тесла во некои свои автобиографски записи и научни рефлексии. Потоа тука е, употребен како метафора, и генијалниот изум на Тесла, магнетниот наизменичен двофазен мотор.
Во таа есенцијална метафоричка трансформација тој е употребен како магиски симбол на љубовта и душата во единство. Елементите, да се изразиме во духот на Менделеев, во кои толку многу верува и Тесла, кои, според Данте и Мандељештам, ги движат и морето и звездите.
Со еден збор, во случајот на „Као ти и ја“ на Манџуковски се работи за одлична поетска творба, напишана во стилот на еден дестилиран инспиративен елан, поетска фасцинација и волја. Суптилен спој на интелектот, интуицијата и емоцијата. Сѐ што е потребно за поетска имагинациска пловидба низ секогаш недооткриените предели на битието.
Ефтим Клетников