Новото дело на скулпторот Жарко Башески, скулптурата „Вон…“, од петокот е изложено за јавноста во Музејот на градот Скопје. Во хиперреалистичен манир, карактеристичен за него, новото делото на скулпторот Башески полифонично пренесува порака за секојдневната потреба од константна инфузија со дигитални информации во современата ера. Стилот, кој е редок за овие простори, комуницирa портрет што е индивидуален, но истовремено заеднички за секој човек што е дел од дигиталното општество.
Техничката изработката од полиестер, силикон и природни влакна, со монументални димензии 290 х 210 х 90, својствена за делата на Башески, истовремено претставува нема рефлексија и крик на обичниот човек за повторен допир со реалноста, но и со самиот себе.
– Денешниот начин на комуникација и добивање информација нѐ заробува во бескрајна јамка на виртуелни конекции и нѐ дисконектира од вистинскиот свет, оној физичкиот, од она што мириса на дожд, земја и трева. Ова е време во кое со свои очи сведочиме генерации што се претвораат во зомби, комплетно консумирани од лажни вести, наслови – мамки за кликови, „лајкни и сподели“ култура, следење, отследување, твитер и инстаграм-драма, лажно совршенство, недостапни цели, страв од тоа да не се биде доволно добар на Интернет, додека реалната страна во заднината на тоа престанува да биде важна – вели Ирма Башеска-Ристовска во текстот кон изложбата.
Јавноста ќе има можност да ја види скулптурата до 4 октомври.