Самостојна изложба на фотографии на Боро Рудиќ, насловена „Треперење“, е поставена во „Галерија Рудиќ“. На изложбата се претставени 22 фотографии во голем формат, создадени во период од 2018 до 2020 година. Со оваа изложба авторот се обидува да најде одговор на прашањето што се случува кога ќе се излезе од комфорната зоната на нашата визуелна перцепција.
Исто така е презентирано и продажно фотографско портфолио на авторот. Портфолиото е во ограничено издание од 12 примероци. Секое портфолио содржи 16 оригинални фотографии, испечатени на сребро-халид хартија, нумерирани и потпишани лично од авторот и сертификат. Ова е прво портфолио од овој тип направено во Македонија.
Поради ситуацијата нема да има класично отворање во еден ден и наместо тоа, ќе се одвива во повеќе денови, од 18 до 27 ноември, во периодот од 18 до 21 часот. На овој начин авторот смета дека ќе се испочитуваат сите безбедносни протоколи, а посетители ќе се чувствуваат безбедно и удобно.