Синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци беше отворена изложба на дела од јубилејната дваесетта по ред меѓународна ликовна колонија „Нижополе 2000“ – Битола.
– Оваа ликовна колонија која напоредно стартуваше, растеше и се развиваше во изминативе две децени заедно со меѓународната ликовна колонија „Мијахлово – Кавадарци“ претставувааат едни од најквалитетните ликовни колонии во Македонија кои се обидуваат да донесат исклучително квалитетни уметници од регионот и пошироко на што сум особено горд – истакна ликовниот уметник Владимир Темков кој заедно со ликовниот уметник Горан Боев од Кавадарци беа учесници на годинашнава колонија.
Ликовната колонија годинава се реализира од 6. до 12. јули во Хотелот „Молика“ а во неа зедоа учество 20 ликовни уметници од Македонија, Канада, Србија, Грција и Бугарија. Основачот на ликовната колонија ликовниот уметник Драган Најденовски од Битола го изрази задоволството што ликовната колонија успешно опстојува и овозможува преку гостопримство и овозможување на убав амбиент ликовните уметници да творат и создаваат прекрасни ликовни дела инспирирани од Македонија и прекрасната природа на Пелистер.
Меѓу учесниците на колонијата се наоѓаат и имињата на Павле Кузмановски од Тетово, Данчо Ордев и Неда Петковиќ од Скопје, Цветанка Јованова Хермес од Неготино, Мирјана Крстева Масети од Гевгелија, Николас Киријаку од Грција, Алекс и Мајк Клосе од Канада, Владан Ранѓеловиќ, Драгана Кнежевиќ од Србија, Марјана Димитрова Везарова од Бугарија и битолските уметници Анкица Стевановска, Драган Најденовски, Љубица Солак, Славица Секуловска, Стефан Малбашиќ и Гоце Крстевски.
Ми.М.