Народниот музеј од Белград на саемот ја промовираше изложбата „100 години Требениште“, како најава за нејзиното отворање оваа година во српската престолнина
Изложбата „100 години Требениште“ е претставена на најзначајната туристичка манифестација во Србија, Меѓународниот саем за туризмот. Тема на годинашниот саем е „Културното наследство како туристичка понуда“ со посебен фокус на понудата на белградските музеи и институциите на културата.
Народниот музеј од Белград на саемот ја промовираше изложбата „100 години Требениште“, како најава за нејзиното отворање оваа година во српската престолнина.
Археолошката изложба „100 години Требениште“ беше отворена лани во март во Археолошкиот музеј во Скопје, во присуство на авторите на изложбата од овој музеј, од Народниот музеј од Белград и од Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, каде што како и во Заводот и музеј во Охрид се чуваат вредните артефакти од овој охридски локалитет. На оваа изложба првпат заедно се презентираат околу 400 експонати, откриени во повеќе наврати во различни периоди на локалитетот од 1918 до 2018 година. Изложбата во Скопје беше отворена до крајот на август, а годинава ќе биде презентирана во Белград, па во Софија. Таа е проследена со репрезентативна монографија чии автори се 26 еминентни стручни лица од трите земји.
– Со оваа изложба многу нешта се случуваат по првпат во нашата земја, на Балканот, во Европа. Требениште е прв, ако не и единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран во светот преку три музеи од трите земји и сега првпат пред светот е претставен како целина – укажа на отворањето директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев.
Во Скопје беше и директорката на Народниот музеј од Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ, која ја нарече изложбата исклучителна, а Требениште еден од најважните локалитети на Балканот.
– Соништата се остварија, севкупните резултати се важни за претставување на заедничкото културно богатство и за промовирање на културната соработка на земјите од Западен Балкан – рече, меѓу другото, Бојана Бориќ Брешковиќ.
Поставката ги содржи најпознатите фасцинантни требенишки погребни златни маски, но и златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, сребрени ритони, кантароси, различни видови садови, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, различен накит и оружје, познатите шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сѐ уште мистичната приказна за непознатата аристократија, која од 6 до 4 век пред нашата ера живеела крај брегот на Охридско Езеро. Изложбата започнува со презентирани фотографии, архивски наоди, теренски мапи и на мошне прегледен начин ја покажува хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште.