Во уметничкиот салон во Центарот за култура во Кичево, со своја самостојна изложба се претстави Шќипе Мехмети, ликовна уметница вработена во Националната галерија во Скопје. На изложбата беа претставени 15 ликовни дела во голем формат, изработени во последните неколку години.
– Делата со кои се претставувам првпат се промовирани во мојот роден град. Овој опус е со работен насловен „Фрагменти“, со други зборови, тоа што го гледам во природата – пејзажите претставуваат фрагменти од тие импресии. Делата од оваа изложба се создадени во техника акрил на платно и со лепење песок и камчиња. Овие слики ќе бидат претставени и во други градови во земјава – изјави Мехмети, која досега има организирано 23 самостојни и над 100 групни изложби во земјава и во странство. Наскоро следува нејзино претставување во Париз.
Шќипе Мехмети е родена во 1981 година, во Кичево, Македонија. Во 2004 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2007 година магистрира на истиот факултет, на одделот графика.