По чистењето е установено дека станува збор за дело од 17 век што ѝ припаѓа на школата на Караваџо. Подеталната истрага покажала дека светлото и енергијата се типични за големиот барокен сликар
Изгубеното масло на платно на италијанскиот барокен сликар Караваџо (1571 – 1610 г.), слика што крадците ја оставиле во куќата во која провалија бидејќи им се чинела безвредна, летово ќе биде понудена на аукција, а би можела да се продаде за вртоглави 120 милиони евра, велат експертите.
Четиристотини години старата слика на Караваџо, „Јудита како му ја отсекува главата на Холоверн“ ги наполни насловните страници на весниците во 2014 година, кога настојувајќи да открие од каде тече вода во една куќа во гратче близу Тулуз во Франција, сопственикот случајно ја открил. Семејството што ја пронајде сликата, расчистувајќи го таванот, за откритието го известило локалниот колекционер Марк Лабарбе, кој потоа се консултирал со стручњак за делата на Караваџо. Делото многу потсетува на сликата со ист мотив што се наоѓа во Италија, а позната е како копија на изгубеното Караваџово дело со Јудита како му ја отсекува главата на Холоферн, рекол експертот.
По чистењето е установено дека станува збор за дело од 17 век што ѝ припаѓа на школата на Караваџо. Подеталната истрага покажала дека светлото и енергијата се типични за големиот барокен сликар.
– Нема ниедна грешка и насликана е од сигурна рака. Сето тоа се стилски одредници што сликата ја прават автентична – изјавил стручњакот.
Сепак, експертите никогаш нема да се согласат за тоа дали станува збор за автентичен Караваџо. Двајца експерти делото му го припишаа на Луис Финсон, фламански сликар и трговец со уметнички дека, кој бил запознаен со стилот на Караваџо. Тие тврдат дека Финсон поседувал низа дела на Караваџо и дека ги копирал. Друг стручњак, пак, тврди дека не само што станува збор за оригинален Караваџо, туку дека ова е негово ремек-дело.
Темата „Јудита му ја отсекува главата на асирскиот водач Холоферн“ е една од омилените на сликарите од времето на Караваџо, па експертите претпоставуваат дека провалниците ја оставиле токму поради бруталниот мотив. Сопствениците на куќата, чии предци во неа живееле од средината на 19 век, своевремено рекоа дека крадците од таванот однеле секакви антиквитети, но и безвредни предмети како шишенце со парфем.
И иако струката е поделена во поглед на автентичноста на делото, тоа по детално проучување летово сепак ќе биде понудено на продажба и би можело да се очекува да достигне исклучително висока цена. Сликата до 9 март е изложена во лондонската галерија „Колнаги“, а на 27 јуни ќе биде понудена на аукција во Тулуз.