Во изминатите години списанието било одлична можност за откривање и промовирање нови авторски имиња, нови филмски критичари, нови филмолози, како и веќе етаблирани
По повод 30-годишнината од излегувањето на првиот број на „Кинопис“, списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности, Кинотеката на Македонија неодамна на својата веб-страница ги направи достапни за пошироката јавност и за своите посетители досегашните броеви на ова списание. До крајот на април ќе бидат достапни броевите од 25 до 54, а веќе до средината на мај ќе бидат поставени верзии и на броевите од 18 до 24.
„Кинопис“ излегува веќе три децении, при што Кинотеката соработува со најзначајните филмски критичари, есеисти, автори и историчари во земјата и во странство.
– Во овие триесет години во списанието, едноставно, не остана „негибнат“ ниту еден сегмент, ниту еден аспект од – и ниту еден пристап кон – филмската уметност, филмската историја и теорија, како и ниту еден момент во целосниот производствен/продукциски процес на создавањето филм досега – вели сегашниот уредник Петар Волнаровски по повод јубилејот.
Долгогодишната уредничка на списанието, филмолог и филмска критичарка Илинденка Петрушевска истакнува дека во изминатите години „Кинопис“ бил одлична можност за откривање и промовирање нови авторски имиња, нови филмски критичари, нови филмолози…, како и на веќе етаблираните Г. Василевски, М. Чепинчиќ, Б. Иванов, И. Старделов, В. Љ. Ангелов, Б. Куноски, С. Синадинов, В. Димитровски, Р. Јанкулоски, А. Чупоски, Д. Рубен, Д. Трајковски, М. Ковачевски, В. Галевски, С. Милевска, Р. Алаѓозовски, Е. Шелева, Ж. Кујунџиски, Љ. Костовски, С. Тодоровска и многу други.
Долгогодишни соработници беа и сè уште се автори од регионот: Дејан Косановиќ, Марјан Цуцуи, Мато Кукуљица, Хрвое Турковиќ, Ранко Мунитиќ, Петар Карџилов, Анте Петерлиќ, Младен Буриќ, Мирон Черњенко, Рон Холовеј, Вјекослав Мајцен…
Визуелните темели на списанието ги постави Костадин Танчев-Динка, уште со првиот број во 1987 година, па до последниот број. Графичко-ликовното уредување и дизајнот на насловните страници ги изработува графичкиот дизајнер и ликовен уметник Ладислав Цветковски. Благодарение токму на Цветковски и неговата заложба сите броеви на „Кинопис“ да се дигитализираат, денес љубителите на филмот имаат можност да ги разгледаат страниците од постарите броеви на списанието преку веб-страницата на Кинотеката.