Оркестарот на Македонската филхармонија, денеска, во 12 часот, ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт за деца. Концертот е насловен „Замисли желба“, а приказната ја следи нарацијата што ја сугерира насловот – новогодишните желби што секое дете си ги посакува на крајот од годината. Поентата и мотивот во приказната се дека не треба да се фокусираме на материјалното, дека треба да бидеме хумани и да им помагаме на луѓето.
Низ приказната ќе ги води наратор – актерот Мартин Јорданоски. На програмата се познатите новогодишни песни „Twinkle Twinkle“, „Jingle Bells“, „Do You Want to Build a Snowman“ од „Фроузен“, „Tomorrow“ од мјузиклот „Ени“, како и класични ремек-дела од Гуно, Офенбах, Чајковски…
Покрај оркестарот на филхармонијата, воден од диригентот Сашо Татарчевски, ќе настапи и хорот „ПроАрс“. Аранжманите за дел од композициите што ќе прозвучат на овој концерт се на Ангел Спироски. Концертите за најмладата публика се важен сегмент од програмската политика на филхармонијата. Овие концерти имаат приспособена содржина, наменски креирана за најмладите, преку која на непосреден начин се едуцираат и се запознаваат со класичната музика.