Првото издание на интернационалниот „Скопски поетски фестивал“ заврши денеска со мастерклас, односно работилница за креативно пишување, која ја предводеше универзитетскиот професот Ким Симонсен од Фарските Острови.
– Презадоволни сме од првото издание на СПФ. Се создаде чудесна енергија, добивме и сѐ уште добиваме пораки и честитки и од присутните, но и од многу поети пријатели од Европа што ги следат објавите во медиумите и на социјалните мрежи. Посетеноста беше над нашите очекувања и она што особено нѐ радува е фактот дека публиката остана и долго по настаните да се дружи со учесниците. Сето ова е знак дека овој фестивал навистина му беше потребен на градот. Од друга страна, свесни сме дека можевме да направиме и поголем и содржински побогат фестивал, но, за жал, се соочивме со микробуџет и крајно влошена ситуација со ковид, а згора на тоа и со чудни и недоречени мерки од страна на владата, така што остваривме околу една четвртина од планираната програма и најголем дел од странскиите гости во последен момент го откажаа своето физичко присуство, па ни се претставија со видеопроекции. Сепак, среќни сме што и покрај сите сопки и предизвици успеавме да му донесеме малку радост и ведрина на Скопје и добивме сила и поттик да продолжиме понатаму – вели Јулијана Величковска, една од организаторките на фестивалот.
Во трите фестивалски дена можеа да се чујат повеќе поетски имиња Марија Дејановиќ, Сергеј Тимофеев, Танос Гогос, Ким Симонсен, Вонбјошт Ванг, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Лира Бојку, Ива Дамјановски, Павлина Атанасова, Диме Данов, Ана Голејшка Џикова, Биљана Стојановска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска.
Беше отворена и изложба на која македонски сликари и графички дизајнери
креираа дела инспирирана од песна на авторите што настапуваат. Можеа да се погледнат дела од Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева, Владимир Илиевски, Филип Мартиновски и Калин Маловски.
Публиката можеше да погледне и поетски филмови направени од Валентина Бактијаревиќ од Србија, а имаше и видеопроекции на шест куси поетски филмови, презентирани во соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални
филмови од Белград.