Повеќе од сто филма ќе бидат прикажани на 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ од 8 до 18 ноември во кино „Фросина“ и Џебното кино во Младинскиот културен центар и во кино „Милениум“.
Над 20 наслови се во атрактивната гала-програма со најнови остварувања на Ларс вон Трир, Годар, Сорентино, Павликовски, Спајк Ли… а меѓу нив и „The Favorite“ на Јоргос Лантимос, премиерно прикажан на Венецијанскиот филмски фестивал. Тој е специјално на „Синедејс“ пред воопшто да биде пуштен во кинодистрибуција закажана за 2019 година.
Во двете натпреварувачки програми – Официјалната и Програмата на балкански филм (СинеБалкан) ќе има вкупно 14 филмови, а за наградите ќе одлучуваат две меѓународни жирија. Меѓу осумте во Официјалната е и победникот од Берлин 2018 – „Не допирај ме“.
Ќе има и детска и студентска програма, ретроспектива на рани филмови од Милош Форман (во соработка со Чешката амбасада) и богата музичка програма со девет музички документарци, кои бесплатно ќе се прикажуваат во „Фросина“ и Џебното кино во МКЦ, како и 11 концерти на домашни и странски изведувачи.
Во програмата Кратки филмови ќе има девет од млади македонски режисери чии филмови се прикажуваат на фестивали. За разлика од лани кога тие беа во една вечер, овојпат ќе се прикажуваат секоја фестивалска вечер пред проекциите на долгометражните. Во студентската програма, која е натпреварувачка, ќе има 35 филмови од 12 академии од регионот, а првпат годинава и од престижната ФАМУ од Прага.
Отворањето нема да биде во „Милениум“ , туку во „Фросина“ во МКЦ на 8 ноември со музички филм. Фестивалот ќе биде затворен на 18-ти во „Милениум“ со македонска премиера – „Хај“ на режисерот Васил Христов.
Седумнаесеттиот „Синедејс“ ќе има и придружна програма меѓу кои и е и дводневен настан СинеИндустри на 16 и 17 ноември, посветен на дистрибуцијата на филмовите, односно како тие да излезат надвор од границите.
„Збогати се преку ноќ“ е мотото на годинашниот фестивал. Директорот на МКЦ Русе Арсов на прес-конференцијата рече дека лани во Скопје се отворени 30-ина коцкарници и идејата им е младите да знаат дека богатството не е материјалното, туку духовното, а фестивалот тоа им го овозможува за само 100 денари. Соопшти дека билетите во продажба ќе бидат пуштени утре, а оваа година може да се купат и онлајн преку линковите што се достапни на веб-страницата на МКЦ.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека „Синедејс“ станал култен фестивал во главниот град и дека тоа ќе го потврди и новото единаесетдневно издание. – Убеден сум дека со богатата програма со над 100 филма ќе бидат задоволени вкусовите на скопската публика, а таа во овие години покажа дека има добар сенс- рече градоначалникот на Скопје.
„Синедејс“ се организира со поддршка на Агенцијата за филм, Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и со помошта на партнерите спонзори на фестивалот.