ЕФА по стапките на „еми“
Доделувањето на наградите на Европската филмска академија за 2020 година, популарно наречени европски „оскари“, се сели на интернет. Иако 33-то доделување на признанијата на ЕФА требаше да се одржи на 12 декември, во живо на Исланд, во Рејкјавик, поради зголемениот број случаи на заразени со коронавирусот во Европа, церемонијата ќе биде виртуелна и ќе се одржи истиот ден во Берлин, без публика, по стапките на наградите „еми“.
Челните луѓе на ЕФА, предводени од Мајк Дауни, градоначалникот на Рејкјавик, Дагур Б. Егертсон, и исландската министерка за едукација, наука и култура, Лилја Алфредсдотир, беа принудени да го откажат настанот, но и да најават дека Исланд ќе биде домаќин на 35-то доделување на европските „оскари“ за две години, во декември 2022 година. Дотогаш, 34-та ЕФА, според првобитниот план, ќе се одржи идната година во Берлин во живо.
Инаку, минатиот месец Европската филмска академија ја објави одлуката да го вклучи најновиот филм „Врба“ на Милчо Манчевски во селекцијата за најдобар филм за 2020 г. За филмовите во селекцијата за најпрестижната европска награда, која е позната и како европски „оскар“, ќе гласаат над 3.800 члена на Академијата и ќе изберат по пет номинации во пет категории: најдобар филм, режисер, актер, актерка и сценарио. Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември на фестивалот во шпанскиот град Севилја. Во селекцијата на ЕФА годинава се 38 филма.
Ова е вторпат филм од Манчевски да влезе во селекцијата за европските филмски награди, во 2011 година беше селектиран и неговиот „Мајки“. Пред неколку дена, Манчевски и „Врба“ беа номинирани и за најдобар режисер и најдобар филм на фестивалот „Рејнденс“.
Во селекцијата од овие простори се најде и малцинската хрватска копродукција „Татко“. Ова е втора година едноподруго како Хрватска влегува на листата на селектирани филмови за наградата на ЕФА. Лани меѓу номинираните хрватски копродукции беше филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на македонската режисерка Теона Митевска.