Годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија беа врачени на манифестација по повод празнување на денот на ДПМ (13 февруари), кога се навршуваат 74 години од основањето на писателската асоцијација. Ова празнување, како и низа поетски читања и настани во текот на годината, што ќе се организираат во живо или онлајн во согласност со пандемиската ситуација, ќе бидат пронижани со чествувањето на книжевниот великан и прв претседател на ДПМ – Блаже Конески, и одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање.
– Оваа година празнувањето минува под темни сенки, но, за среќа, и со силен изблик на пробивни светлосни зраци. Сенките, пред сè, се должат на глобалната загроза од вирусот што одзеде многу животи и радикално ја измени егзистенцијата, та, еве, нè натера да се приспособуваме на многу новини, да се среќаваме виртуелно и да празнуваме преку техничките помагала.
Но за нас, македонските писатели, уште потешка и помрачна е сенката што се надвисна врз нашиот духовен бит, загрозата од проблематизацијата на историчноста и автохтоноста на јазикот на кој твориме и негирањето на вековната книжевна традиција во која и ние го вградуваме нашиот творечки влог. На македонските писатели ниту некој им наложил со декрет да пишуваат на јазикот на кој пишуваат, ниту пак некој може со декрет да им го забрани тоа. Длабокиот исконски порив книжевно да ги искажуваат љубовта, тагата, болката, радоста, да мислат и да чувствуваат на јазикот научен во мајчиното крило, е нешто што никој не може насилно да им го одземе, ниту да го спречи. Сè додека создаваме високоуметнички книжевни дела на македонски јазик и сè додека како аманет од генерација на генерација ги пренесуваме книжевните вредности, секаква темна закана самата ќе биде поништена од својата апсурдност – вели Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на ДПМ.
Годинашни добитници на традиционалните награди на ДПМ се: Владимир Плавевски за романот „Боксерот од Ново маало“, Даниела Андоновска-Трајковска за поетската збирка „Математичка поезија“, Атанас Вангелов за критичко-есеистичката книга „Лирската биографија на Конески“, Билјана С. Црвенковска за книгата за деца „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ и наградата „Мост“, која ја доби Адем Абдулаху за поетската збирка „Недопеани песни“.