Во Македонија се вработени 28 драматурзи, беше посочено на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Драматурзите се потребни во македонските театри бидејќи се активен чинител во создавањето на театарската претстава и во репертоарската политика. Ова е ставот на повеќемина учесници (драматурзи, режисери, актери, вработени во театри) што учествуваа на трибината „Местото и улогата на драматурзите во театрите во Македонија“, одржана во рамките на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во македонските театри, според статистичките податоци, вкупно се вработени 28 драматурзи, од кои 21 драматург, а 7 асистенти драматурзи. Од вкупниот број, 10 се дипломирани драматурзи, преостанатите се со други професии, а статистиките говорат и дека во Македонскиот народен театар има 2, а пак во театарот во Штип 4 вработени драматурзи. Од друга страна, во Албанскиот, Турскиот и во театарот во Тетово нема отворено ниту едно место на драматург според постојната систематизација.
За драматургот и професор Маја Стевановиќ прашање е дали драматурзите си го најдоа своето место во македонските театри.
– Кога пред години студирав драматургија, професорот Горан Стефановски рече дека во македонските театри не постојат драматурзи. „Вие треба да го пробиете патот на професијата“, посочи тој. Во македонскиот театар постоеја писатели, но не драматурзи како интегрален дел на процесот на правење театар. И денес со студентите тече истиот разговор. Професијата драматург е благодарна и благородна професија, која допрва треба да ја промовираме. Ситуацијата се промени последниве години и речиси во секоја театарска куќа има вработено драматурзи – посочува Стевановиќ.
Според Марко Спасов, драматург во „Театар комедија“ од Скопје, почетоците биле тешки.
– Прво не сакаа да слушнат за мислењето на драматургот, но во последно време работите се менуваат. Чинителите во театарскиот процес почнуваат да сфаќаат дека нивен пријател во квалитетно направената претстава е токму драматургот – истакнува тој.
И другите учесници посочија дека е добро што во театрите влезе млад образован кадар, но и дека драматурзите треба да бидат ставени во функција за што треба да бидат подготвени најмногу режисерите, но и самите драматурзи да се борат за повеќе простор. Сепак, за основа се смета надградбата на драматурзите, познавањето дела и текстови и искажувањето сопствен став и мислење.


Утревечер награди и „Не сега, драга“

На претпоследниот ден од 53. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе биде прикажана последната претстава во официјалната конкуренција. Од 19.30 часот продукцијата „Артопија“ од Скопје ќе ја изведе претставата „Ужегнатост“, во режија на Владимир Милчин. Во придружната програма од 22 часот Театарот на Бугарската армија ќе ја изведе „Железниот светилник“ од Талев, во режија на Асен Шопов.
Утре напладне жирито во состав – Мими Таневска, Драган Спасов-Дац и Јасна Новаков – ќе ги соопшти наградите. Затворањето на годинешниот фестивал е од 20 часот во големата сала на центарот за култура „Марко Цепенков“, со доделување на наградите и со изведбата на претставата „Не сега, драга“, во режија на Коле Ангеловски, на „Театар комедија“.