Кинотеката деновиве на својот сајт ги објави дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година.
– Ако порано ги читавме прелистувајќи ги ваквите и другите изданија на Кинотеката, сега велиме дека имате можност да „сурфате“ низ своевидната хроника на кинотечната дејност во Македонија од тој период. „Кинотечните месечници“ се еден вид претходници на кинотечните изданија од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и „Kинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Потребата за издавање на „Кинотечните месечници“ се појавила како потреба за вреднување и анализирање на филмското творештво – велат од Кинотеката.
На првата редакција на месечниците: Илинденка Петрушева, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Мартин Панчевски и Дубравка Рубен, кои наедно беа и автори на поголемиот дел од написите, во подоцнежните броеви ѝ се приклучуваат и звучни имиња како Илија Пенушлиски, Љубиша Георгиевски, Томислав Османли, Милан Ѓурчинов, Богомил Ѓузел… Филмолозите од Кинотеката и преостанатите филмски критичари и теоретичари на филмската уметност оставаат сведоштво за филмската мисла во тој период од десет години и 35 броја на „Кинотечен месечник“.
Иако реализирани во скромни издавачки услови и печатени на шапирограф, овие историски четива некогаш „втиснати в хартија“, сега се преформатирани во дигитализирани изданија: кога ги читате четири децении подоцна, не може, а да не се оттргнете од впечатокот дека и ваквите бледи копии се патината на македонската филмска публицистика.
– Познавајќи ги авторите и квалитетот на текстовите во „Кинотечните месечници“ од тој период, можеме да кажеме дека се работи за своевидна македонска верзија на списанието за филм на француски јазик „Филмски тетратки“, кое започнало да излегува од печат во 1951 година во Париз, а еден од основачите е Андре Базен, филмски критичар и теоретичар со светско реноме. Историјата на францускиот, европскиот, но и светскиот филм вели дека списанието имало превратничко влијание и е директен ментор на „новиот бран“ во кинематографијата – информираат од Кинотеката.