„Сѐ уште без наслов“ на Словенско младинско гледалишче – најновиот предизвик од генијалниот Томи Јанежиќ, кој ќе трае повеќе од десет часа во МКЦ, е закажан за денеска на 44-от „Млад отворен театар“. Дон Жуан е едно од оние книжевни дела што поминале низ најмногу адаптации. Низ текот на целата претходна сезона, Томи Јанежиќ и неговиот тим го земаат ова дело како референтна точка за истражување и лабораториски пристап. Паралелно на тоа, Симона Семениќ го пишува текстот, наречен „Сè уште без наслов“. Семениќ пристапи кон Дон Жуан, овој пат носејќи го најтипичното словенечко име Јанеж.
В недела на програмата е реприза на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ на Филип Јовановски, со почеток од 12 часот, во МКЦ. Перформансот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино култура“ и двојазична публикација. Со овој уметнички проект беше претставен павилјонот на Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор и ја доби главната награда „златна трига“. Втората претстава за недела – „Три сестри“ на Васил Христов ќе се одигра во „Театар комедија“ со почеток во 20 часот. Претставата зборува за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојба на безизлезност, дури и пред да почне борбата. Безизлезноста се удвојува преку повторувањето на потребата за промена, ослободување, исчекор. Ликовите на Чехов се прпелкаат во потребата по наоѓање одговори. Но дури и кога одговорот е на дофат на дланка, тие остануваат закопани на едно место.
Програмата продолжува во 22 часот со „Дримстејт“ и „Мунлајт“ во „Кино култура“. Валентино Апостоловски се претставува со „Дримстејт“ – перформанс за прифаќање на ранливоста. Потоа следува кореографскиот проект „Мунлајт“ фокусиран на поетски структури на Александар Георгиев и на Дарио Барето Дамас од Шпанија. Двата проекта се во продукција на „Локомотива“, во состав на проектот „Што е кореографија?“.