Во „Галерија“ се изложени 101 фотографија од 43 автори
Во Тетово, по пауза од 23 години, викендов беа отворени 56-те едноподруго, Денови на македонската фотографија. Во „Галерија“ во стариот турски амам, се изложени 101 фотографија од 43 автори. Наградените фотографии се поделени во три категории. Првата награда за поединечна фотографија во сениорска конкуренција му припадна на фотографот Драги Неделчевски од фотогрупата „Чкрап“ во Тетово, додека во истата категорија во младинска конкуренција првата награда ја доби Стефан Ѓоргиевски од фото-киноклубот „Битола“. Првата награда за колекција, пак, му припадна на самостојниот автор Дејан Колевски.
На отворањето фотографот Боро Рудиќ, претседател на Фотосојузот на Македонија, посочи дека годинашното 56-то издание претставува доказ дека станува збор за една од најдолготрајните континуирани манифестации во земјава. Според него, откако дигитализацијата масовно го зголеми бројот на фотографи ваквите изложби претставуваат мали бисери.
– Со печатењето, авторот го затвора својот авторски чин. Со изборот на хартија, текстура, формат, тоналитет, колорит тој го претставува тоа што го гледа или го има видено во текот на снимањето на фотографијата. Гледачот може да застане пред отпечатеното и да го гледа половина час, да дојде утре и пак да ужива во чувството што му го создава отпечатената фотографија. Тоа е разликата меѓу ова што го гледаме тука, во оваа галерија, и фотографијата што ја гледаме на нашите компјутерски екрани каде што со еден клик преминуваме на друга фотографија или некоја информација што ќе ја воочиме во тој момент заборавајќи ја фотографијата во дел од секунда – рече Рудиќ.
Во националната установа „Галерија“ изложбата ќе биде отворена до четврток. Покрај Фотосојузот на Македонија, нејзин коорганизатор е и „Чкрап“ од Тетово, чиј член, Зоран Андонов, беше дел и од тричленото жири. Тој заедно со фотографите Раде Луковиќ и Филип Филиповиќ ја направи потребната селекција на фотографии прегледувајќи и оценувајќи над 300 пристигнати дела годинава од 64 автори.
– За некои фотографии долго дискутиравме, разменувавме аргументи за и против, но за некои добри фотографии сите тројца бевме едногласни. Особено за оние што ги добија наградите. Како жири бевме исклучително задоволни што годинава пристигнаа и многу извонредни фотографии особено од млади автори, кои допрва ќе се афирмираат на полето на фотографијата во Македонија – изјави Андонов.