Бранкица Јордановска, костимографка
„Маска или преобразба на изопаченото“ е насловена изложбата на Бранкица Јордановска, поставена во МКЦ. За својата изложба авторката вели дека е самоистражувачка студија и обид за откривање на двојната вредност испреплетена во релациите помеѓу храброста и срамот.
– Двојностите се сеприсутни околу нас, а ние преку постојана преобразба од едно во друго се вртиме во круг, сѐ додека не создадеме бесконечни варијации од илузијата што посакуваме да ја видиме – вели Јордановска.
Таа работи како костимографка во независни и институционални театарски продукции, како графичарка во ателјето на членовите од колективот „Кула“ и како илустраторка.
– Иако многумина во овој период маската ги асоцира на коронавирусот и пандемиската ситуација што ја преживуваме изминатава година и половина, мојата инспирација за креација на дела на оваа тема потекнува уште пред да се случи оваа несреќна околност. Симболиката што ја носи мојата изложба е приказ на маската како начин на затскривање на луѓето, односно нивниот реален лик и постапки. Едноставно, полесен начин на соочување на луѓето со остатокот од светот – објаснува Јордановска.
Врската меѓу циркусот и театарот е нејзината инспирација.
– Отсекогаш ми биле интересни и се фасцинирам од креациите што се продуцираат за да го комплетираат визуелниот дел на едно сценско дело. Оттаму и иницијацијата да создадам уметност инспирирана од маската како доста експлоатиран костимографски елемент. Моите дела искажуваат став. Затскривањето на реалниот лик и постапки на луѓето зад маските е нешто што стана наше секојдневие, па соодветно на тој став нека биде и пораката што со себе ја носи мојата изложба, ослободете се од маските и уживајте во реалноста – вели таа.
Нејзината изложба ја сочинуваат пет дела изработени во техниката линорез, единаесет акварели и три маски. Костимографијата е уште еден медиум преку кој таа ја изразува својата уметничка вибрација.
– Костимографијата е само еден сегмент од мојата работа. Секогаш се трудам да бидам еднакво посветена на сите медиуми преку кои ја рефлектирам мојата креативна енергија, но и да направам дистинкција помеѓу различните типови на уметност што ги практикувам. Маската, секако, ја користам при креација на одредени театарски костими, но во тој случај се работи за наменски потреби, кои се во согласност со конкретната театарска продукција, изложбата, пак, инспирирана од маската како начин на прикривање на реалноста е нешто сосема друго. Тоа е уметнички израз поставен во галериски простор, каде што публиката е дојдена да погледне изложени дела, а не театарска претстава – вели авторката.