Во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“ синоќа во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ беше отворена изложба на фотографии од театарски претстави по повод одбележувањето на 90 години од првата официјална театарска претстава пред бројна публика во Кавадарци.
Во спомените на Славчо Темков објавени 1980 година се наведува дека првата посериозна претстава за која постојат и податоци се смета претставата „Зла жена“ изведена уште 1924 година во која игра група ентузијасти меѓу кои Александар Линин и Ристо Поп-Стефанов. Потоа следуваат претставите „Кољо и Невенка“ и „Цар Киро“ каде како режисер и сценограф се појавува Славчо Темков. Меѓутоа според Темков во 1929 година се случила првата официјална целовечерна театарска претстава пред бројна публика во тогаш новиот хотел „Балкан“. Тогаш театарската група дејствувала во рамките на Културно уметничкото и и спортско друштво „Братство“.Една од позабележителните претстави од предвоениот театарски живот во Кавадарци била претставата „Слугата Јернеј и неговото право“ во режија на Апостол Апостолов и Славчо Темков во која главните улоги ги толкувале Милан Даскалов и Димката Ангелов – Габерот.
Актерот Александар Малинков во своето обраќање потенцира дека во Кавадарци освен
познатите „Врабчиња“ за време на Втората Светска војна регистрирани се и други театарски претстави во кои играла и првата оперска певица Васка Дичова Гајдова. Се до 1958 година во кавадаречкиот театар играле само актери аматери кога во Домот на културата е вработен првиот актер Васо Ангелов кој оствари маестрални театарски ролји. По него театарот ја добива првата актерка Милица Димова, по што се вработуваат Александар Видиков и Данчо Бањански, за во 1972 година театарот го добие првиот дипломиран актер Блаже Славев, кој одбележа еден исклучително плоден театарски период со најголем број претстави и негови режисерски
остварувања, како и гостувања на гости режисери од професионалните театри.
Наредниот период се вработуваат уште две актерки Милица Гочевска и Андријана Сапунџиева која останува многу кратко. Ансамблот се доекипира со вработувањето на Александа Малинков 1980 а многу подоцна и со Диме Коцевски кој на истата сцена имаше долг стаж како актер аматер. Со неговото вработување кавадаречкиот театар повторно ја врати својата публиката остварувајќи низа претстави од жанрот комедии кои се играа на кавадаречки дијалект. Но она што е карактеристично за кавадаречкиот театар во изминативе години е дека на неговата сцена играа и се уште играат лепеза исклучително добри и талентирани актери аматери кои овозможуваа и покрај неговиот статус на полупрофесионален театар на сцената да се играат претстави со одличен квалитет што се потврдуваше со бројни награди на театарските смотри во Македонија и надвор.
Оваа изложба воедно беше можност актерот сега во пензија Данчо Бањански да се потсети на неговата прва улога на сцената на кавадаречкиот театар во далечната 1953 година кога тој имал само пет години и ја играл улогата на Коле во претставата „Печалбари“. Од таа година кога и официјално Домот на културата бил пуштен во употреба Данчо Бањански има играно во стотина претстави, не им го знае точниот број, но многу добро се сеќава на улогата на Дарко во „Свадба“ од Васил Иљоски, насловната улога во претставата „Ах добога мистер Брингс, смирете се“, улогата
на Стојан во „Коштана“ 1977 година во режија на Петре Прличко, Давид Штрбац во „Слугата Јернеј и неговото право“, Ѓуро во „Балкански шпион“ и многу други. Од долгиот актерски живот како највпечатливи Бањански ги издвојува претставите „Мојот татко социјалистички кулак“, улогата на Иван во „Црнила’, Виќо во „Сомнително лице“ и секао претставата „Гробници крај Вардар“ во режија на Блаже Славев посветена на народниот херој Страшо Пинџур.
По отворањето на изложбата беше прикажана претставата „од Кол на кол“ во режија на Диме Коцевски со што официјално беше најавен проектот „Месец на театарот“ во кој кавадаречката публика ќе има можност да проследи повеќе театарски претстави и гостувања на професионални театри од Македонија.