На сцената на МНТ во тек се подготовките на две нови претстави. Првата, насловена „Само глас“, е од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, кој наедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светло. Во неа играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, а премиерната изведба се очекува кон крајот на мај 2021 година.
„Само глас“ е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет.
Вториот проект е „Митре Стрелата во земјата на чудата/Тибам Штркот“ од Зоран Спасов-Ѕоф. Овој текст ќе ја доживее својата праизведба во режија на Јордан Симонов, а главниот лик го игра Александар Микиќ. Насловот на претставата е инспириран од животната сторија на јунакот Митре Стрелата во Канада. Како што вели авторот, ова дело е обид да се види Канада со македонски очи, но и да се доживее со космополитска душа, да се доловат измешаните чувства на љубов, среќа, тага, радост, носталгија.