„Да сум на твое место“ е насловот на малата тематска тријазична антологија објавена на македонски, грчки и англиски јазик, која содржи песни и кратка проза на 13 современи македонски книжевни автори и авторки. Станува збор за дела на авторите: Влада Урошевиќ, Искра Донева, Ѓорѓи Крстевски, Мане Манушев, Душко Крстевски, Жарко Кујунџиски, Александар В. Станојков, Исток Улчар, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Шопов, Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски и Жил Менар, псевдоним на Живко Гроздановски, кој е и приредувач на книгата. Преводите (и препевите) на грчки се од Емилија Мајсторова-Стојановска и Софија Григориаду, а преводот на англиски е на Живко Гроздановски. Авторка на предговорот е Илина Јакимовска.
– „Да сум на твое место“ е исход од проектот „Приказни што ги пишуваме 1.0“, кој предвидуваше и еднонеделен резиденцијален престој во Атина, во соработка со тамошниот културен простор „Твикстилаб“. Ова е мој прв формален контакт со нив, а оттаму се надеваат дека ќе имаат можност и за други соработки со уметници и културни работници од кај нас. Во овој културен простор пред две-три години имаше свое претставување и групата ОПА, а и професорот Небојша Вилиќ имаше своја онлајн видеопрезентација пред неколку месеци – рече Живко Гроздановски, напоменувајќи дека во Скопје книгата веќе ја има во некои книжарници.
Антологијата наедно е и првата книга објавена под логото „Булевар Ослободување“, а дел од средствата со секој нејзин примерок продаден до крајот на оваа година ќе бидат донирани за поддршка на лица од ранливи категории граѓани од нашата заедница.
– Концептот на „комунитативна ангажираност“ објавен пред недела-две од Небојша Вилиќ беше голем поттик за тоа – вели Гроздановски, според кого, малата книшка ќе може да се најде и во Грција штом се отворат границите.