Прилепскиот уметник Давид Атанасоски е селектиран за учество на „Остен – биеналето на цртеж 2020“, со делото „Геометриски орнамент“, изработено од материјали генерирани од локалниот биоотпад (хартија и картон).
– Со рустикална обработка на соодветен начин се нагласуваат линијата и формата на картонот (хартија) како основен елемент на изразување. Ритмичното повторување на овој мотив прави силна нагласена динамика, која во голема мера зависи од распоредот на мотивите, формите, движењето и рамнотежата на композицијата, а ритмичното повторување на мотивите најкомплексно ја објаснува суштината на овој мотив.
Преку ова ликовно дело, кое е создадено од локалниот биоотпад, главната цел ми е да се поттикне нивото на свесност, кое треба да се развива како резултат на големиот број нарушувања предизвикани од човекот врз планетата Земја – вели Атанасоски.
Според него, брзиот начин на живот и развојот на технологијата предизвикуваат човекот да се однесува сѐ понесовесно кон својата околина и да заборави на одредени важни фактори што придонесуваат за поздрав живот и животна средина.
– Проектот со употребата на материјали од трошен карактер како картон ќе придонесе и ќе се поврзе со проблемот за имплементирање на еколошките мерки и свесноста за овие проблеми. Употребата на материјал од трошен и градежен карактер, индиректно се поврзува со идејата за интеграција и имплементација на еколошките, економските и општествените тенденции и мерки на управување и одговорно раководење со ресурсите во глобалниот биолошки екосистем – објаснува уметникот.