Скулпторот Љубиша Камењаров е автор на уметничкото дело поставено во тетовското село, во организација на Центарот за современи уметности
Скулптура насловена „Грав(че)“ на скулпторот Љубиша Камењаров стои во тетовското село Теарце, поставена за време на пандемијата, на сретсело. Самата идеја и начинот на кој е изработено ова уметничкото дело, од прва привлекуваат внимание, познавајќи го и позитивниот однос на луѓето кон ова растение и храна. А Теарце е вистинското место за скулптурата посветена на гравот, кој таму се произведува и е важен дел од кулинарската култура во Македонија. Зад целиот проект стои Центарот за современи уметности од Скопје.
– Центарот за современи уметности повеќе од 15 години успешно работи на развојот на културните иницијативи и на културата во руралните заедници низ Македонија. Пред 11-12 години, заедно со група млади ентузијасти од Теарце, кои денес успешно ја предводат тамошната организација, почнавме да ја организираме манифестацијата „Денот на гравот“ како настан (група настани од неколку дена годишно), кој имаше цел да ја вклучи заедницата во самоорганизација на културни програми и содржини. Идејата за вакво нешто ја развивме сакајќи да креираме културна содржина и настани што ќе бидат широко препознаени од локалното население и во кои истите тие масовно ќе се вклучат и како креатори на содржините и како публика.
„Денот на гравот“ секоја година успева да ги мобилизира потенцијалите на заедницата и низ годините (оваа година беше 11-та по ред) да креира над 50 различни културни настани во неговите рамки. Минатата есен, соочени со пандемијата, беше невозможно или, во најмала рака, неодговорно да се организира таа манифестација како настан од фестивалски карактер. Сакајќи сепак да го одбележиме настанот, во соработка со локалното население и со тамошниот центар за едукација и развој решивме да изработиме скулптурална инсталација посветена на гравчето како симбол и бренд на Теарце и на Долни Полог. Идејата ја развивавме заеднички, а визуелното решение и изработката беа направени од Љубиша Камењаров – велат од Центарот за современи уметности од Скопје.
Објаснувањето на замислата, во голема мера, се гледа во самото дело.
– Гравчето низ светот, особено во регионов, ужива популарност и углед. Големата симпатија кон него е заемна за различните народи, култури и религии.
Имено, преку пропорциите и линиите во скулптурата се забележуваат таа големина и симпатија. А, местоположбата каде што е поставено уште повеќе придонесува и ги засилува тие одлики на заемна цел и сложна заедница. Поставено е на тромеѓа на сретсело, каде што има општинска зграда, црква и џамија. Коментиравме и со тамошните организатори на проектот дека срцевидната линија како да посочува за таа блискост – рече Љубиша Камењаров, посочувајќи дека и покрај студеното и облачно време, атмосферата и соработката со жителите на Теарце при поставувањето на скулптурата на петти декември 2020 година му биле пријатни.
Иницијативата за поставување на скулптура во време на пандемија тој ја смета за извонредна, иницијатива за почит и за поздрав.