Во промотивниот центар на Саемот на книгата во Скопје, издавачката куќа „Бата прес“ медиумски го промовира проектот „Време е за книга“, кој е поддржан од Министерството за култура и од Европската Унија во рамките на програмата „Креативна Европа“ за литературни преводи.
Во реализацијата на проектот, „Бата прес“ објави десет книги од познати европски автори. Станува збор за седум книги за деца и млади, како и три книги на добитници на реномираната европска награда за литература.
– Поради кризата со коронавирусот, авторите на делата нема да дојдат во Скопје за нивната промоција, ама во текот на кампањата до крајот на оваа година ќе имаат интервјуа и видеообраќања до читателите, а за промоциите „Бата прес“ подготви плакат, проспекти, аудио и видеотрејлери, претставување на социјалните мрежи и други современи алатки за промоција на делата – вели издавачот.
Во официјалната програма на саемот ќе бидат промовирани преводите на книгите: „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од Емили Бар (од англиски), „Пирати од леденото море“ од Фрида Нилсон (од шведски), „Ереб“ од Урсула Познански (германски), „Хотел со големо Л“ од Шурд Кајпер (холандски), „Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски, „Илустрации“ од Магда Вошик (полски), „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од Марек Томан (чешки), „Албум приказни“ од Андонис Георгиоу (грчки), „Теодосиј малиот“ од Разван Радулеску (романски), „Продавачот на сладолед“ од Катрин Липсон (фински) и „Вон жариштето“ од Кјара Карминати (италијански).