Владимир Темков, ликовен уметник
Ликовниот уметник Владимир Темков е меѓу авторите што за време на пандемијата неуморно твореа и создаде рекордни 500 ликовни дела, па може слободно да го издвои овој период како најплоден во својата 40-годишна творечка дејност. Еден дел од нив ќе биде изложен на изложбата што ќе биде отворена на 12 февруари во галеријата на домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци со наслов „Големи и мали“.
– Во ова време на пандемија кога времето застана, за мене лично се создадоа услови целосно да се свртам и да се посветам на творештвото. Ова враќање кон индивидуалното творештво најмногу се отслика во делата што одлучив да ги изложам во галеријата на Домот на културата во Кавадарци како ликовен проект под наслов „Големи и мали“. Темата едноставно се роди од одамна подзаборавените маалски приказни од детството, кога во мојата улица се делевме на големи и мали. Со овој проект сакам да покажам дека и сликите со мал формат се еднакво важни во моето творештво, како и сликите со голем формат. Напротив, сметам дека големината на моето творештво е во малиот формат – вели Темков.
На изложбата ќе бидат поставени дела со димензија 280 на 100, 160 на 120, 150 на 100 см, како и неколку дела со димензија 30 на 40 см. Низ нив се провлекува темата за водите во Тиквешијата, односно за бојата на небото и на водата во овој прекрасен топол предел.
Во услови на пандемија, Владимир Темков продолжи со своите активности и во текот на 2020 година реализира неколку големи изложби со физичко присуство на неговите дела, и тоа во Турција, Пакистан, Албанија, Индија и во Северна Кореја. Во Македонија, реализира самостојни изложби во Неготино, Кавадарци и во Радовиш.
– Пандемијата беше пречка минатата година во мај во живо да се реализира една од најзначајните изложби за мене, а тоа е самостојната изложба во Москва, во организација на македонската амбасада и на Министерството за култура на Русија. Изложбата требаше да биде отворена во една од најпрестижните галерии на Градската библиотека во Москва. За жал, изложбата имаше само онлајн издание на кое презентирав педесетина мои дела, но доколку условите се подобрат останува оваа година на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, изложбата да се реализира со физичко присуство на делата – вели Темков.
Освен изложбата во Москва, Темков за свој најзначаен успех со кој го заокружува своето четиридецениското ликовно творештво го смета прогласувањето на уметник на иднината за 2018 година од страна на престижното американско списание за култура „Диоген“, во кое на 120 страници е претставено неговото творештво.