Во Небрегово, во спомен-куќата, денеска беа одбележани 100 години од раѓањето
на академикот, поетот, филологот и лингвистот Блаже Конески. Градоначалникот на
Општина Прилеп Борче Јовчески заедно со претседателот на советот Дејан Проданоски
положија цвеќе пред неговиот споменик во чест на неговиот роденден.
На настанот организиран од НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп и Фондацијата Небрегово, во домот на Конески во Небрегово присуствуваа и претставници на основните и средни
училишта, на Институтот за старословенска култура и други гости.
Имаше кусо излагање поврзано со животот на Конески и родната куќа, кој како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура.
Од НУ „Завод и Музеј“ – Прилеп потенцираат дека куќата на големиот поет и македонист е уредена автентично, во духот на архитектонскиот стил од крајот на 19-от век, при што дел од собите се адаптирани и уредени како музејски простории и места за културни средби.
Артефактите во родната куќа на Конески се бесценети, автентични, добар дел се инвентар кој го користело семејството Конески. Родната куќа на Конески е меморијален и едукативен центар, отворен за поетски и духовни средби и посети. Ка.М.